Фото: Маја Јаневска-Илиева

Извештај на ОБСЕ/ОДИХР за вториот круг од локалните избори од 2 ноември 2025 година

  • Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Матео Мекачи, истакна дека го набљудува изборниот процес од почетокот на септември и посочи дека иако правната рамка обезбедува техничка основа за одржување демократски избори, и понатаму постојат голем број недоследности и слабости, особено во однос на изборната администрација, пристапот до медиумите и системот за решавање изборни спорови

Не сите кандидати имаа еднакви услови за кампања, а беа забележани и одделни случаи на лични напади од страна на кандидати и партиски лидери едни кон други, беше посочено меѓу другото на завчерашната прес-конференција на меѓународната набљудувачка мисија од ОБСЕ /ОДИХР за вториот круг од локалните избори во Македонија.
Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Матео Мекачи, истакна дека го набљудува изборниот процес од почетокот на септември и посочи дека иако правната рамка обезбедува техничка основа за одржување демократски избори, и понатаму постојат голем број недоследности и слабости, особено во однос на изборната администрација, пристапот до медиумите и системот за решавање изборни спорови.
Набљудувачите нотираат и дека продолжила вклученоста на владини претставници во изборниот процес, а се потенцираат и постојани притисоци врз избирачите, заедно со голем број обвинувања за купување гласови, што се вели дека претставува загриженост.
Се наведува дека вториот круг од локалните избори им понудил на гласачите избор меѓу политичките алтернативи и кампањата била конкурентна во поголемиот дел од општините, но не сите кандидати имале еднакви услови за кампања. Набљудувачите оценија дека како и во првиот круг, основните слободи на изразување, како и слободата на здружување и собири биле почитувани и учесниците во изборите имале можност слободно да водат кампања. Сепак, додаваат, тонот на кампањата бил повоздржан од првиот круг, со одделни случаи на лични напади.
За вториот круг на локалните избори, според податоците на ДИК, акредитирани беа 1.622 набљудувачи од кои 957 домашни и 651 меѓународни и 14 странски новинари. Според податоците од официјалната веб-страница на ДИК, најмногу меѓународни набљудувачи на локалните избори во 2025 година има акредитирано ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права – 500. П.Р.


Впечаток дека Европа лансира нов пресинг врз Македонија

Погоре се презентирани извадоци од цитираните забелешки извлечени од Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија во евроинтеграциите, како и од Извештајот на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори. Во редакциската дискусија на редовниот новинарски колегиум на „Нова Македонија“, се направија поширок осврт и анализа на двата гореспоменати извештаи, вклучително и новинарско мислење во врска со изјавите на претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Теодорос Русопулос (негова изјава дадена при посетата на македонското собрание).
Притоа, мноштвото новинарски впечатоци беа дека во дадените забелешки во двата извештаја за Македонија, како и во говорот на Русопулос (Претседателот на Советот на Европа), односно од сите три релевантни институции од Европа, повторно е активиран инструментариум на своевиден притисок врз Македонија, и тоа по неколку основи.
Во врска со ваквиот редакциски впечаток, во продолжение на весникот, на наредните три страници ќе се осврнеме на индикаторите за овој нов бран европски пресинг и ќе се обидеме аргументирано да го образложиме впечатокот на редакцијата. П.Р.