Во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа беше отворена изложба на дела од 17-та ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен 2025“, што Центарот ја реализираше во септември со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Најпрво, присутните гости ги поздравија директорката на Центарот Марија Попова Јованоска, градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, а отворајќи ја изложбата, координатор на проектот Марјан Стојаноски, посочи дека колонијата „ Марко Цепенков“ – Дрен е горд аманет од основоположниците на современата ликовна уметност во Прилеп.


– Колонијата е жив доказ дека нашиот град, кој отсекогаш бил расадник на сликарски, скулпторски визии и уметнички идеи, продолжува да биде носец на современите текови во уметноста на 21 век – истакна Стојаноски.
На изложбата презентирани се дела од 16 уметници – учесници на колонијата од земјава, Србија, Хрватска и Црна Гора. (Звјездана Јембрих, Јуре Кокеза и Злата Томљеновиќ од Хрватска, професорот Звонко Павличиќ од Црна Гора, Снежана Манасиќ од Србија, Стефан Анчевски, Васко Горѓиев, Дејан Макаријоски, Верче Николоска, Александар Џинго, Ферди Булут, Марјан Стојаноски, Златко Крстески, Емил Димоски, Слободан Милошевски и Бојана Тошевска).
Ка.М.

































