Светските сили ги ревидираат амбициите во врска со глобалната зелена енергетска транзиција
- Притисокот врз нашата земја да се затворат електроцентралите што работат на јаглен е голем, но енергетичарите предупредуваат дека Македонија не може да си дозволи брзо да се откаже од користењето јаглен за производство на електрична енергија. Особено треба да се има предвид зависноста од увоз на енергија, која се одрази неповолно на економските активности за време на претходните кризи. Упатените укажуваат дека ни е потребно постепено вклучување на обновливите извори на енергија, затоа што брзо и непланско преоѓање на извори што не ги задоволуваат потребните на заедницата, како и скапото чинење на таквото производство, во пакет со вклучување на неподготвена мрежа и систем, носат голем ризик и нестабилност
Обврските за таканаречената зелена транзиција што голем дел од богатите држави амбициозно ги презедоа и наметнуваа, сега, по повеќе основи и ним им стануваат сѐ поголем товар. Така, дел од енергетски амбициозните држави се одлучија да ги променат поставените цели, а дел од државите и не се вклучија во промените онака како што самите декларираа. Најчестата причина за непреземањето мерки беше очигледната потреба да се даде приоритет на економијата и стабилните работни места, со цел зачувување на животниот стандард на населението!
Крис Бовен, министер за енергија на Австралија: Го избравме највисокото ниво на амбиција
Австралиските власти неодамна поставија нова цел, и тоа до 2035 година да се намалат емисиите на штетни гасови на 62-70 проценти од нивоата од 2005 година. Станува збор за пониска цифра од првично препорачаната од националното тело за климатски промени. Австралија е една од земјите со највисоки емисии на стакленички гасови по жител, главно поради нејзината индустрија.
Поставената цел е пониска од опсегот од 65 до 75 проценти моделиран од Министерството за финансии, а првично предложен од Комисијата за климатски промени, независно тело што ја советува владата за климатската политика.
– Целта мора да биде амбициозна и остварлива. Цел над 70 проценти не е остварлива, ние го избравме највисокото ниво на амбиција што е остварливо – рече министерот за климатски промени и енергија Крис Бовен, на прес-конференција.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе, исто така, најави пет милијарди австралиски долари (2,81 милијарди евра) за помош на индустриските постројки во процесот на декарбонизација, како и две милијарди австралиски долари за државната Финансиска корпорација за чиста енергија, со цел намалување на цените на електричната енергија.
– Ние не сме најголемиот загадувач ниту најголемата економија, но нашата посветеност на борбата против климатските промени е важна. Тоа е важно за нашите соседи, за нашата економија и е важно за земјата што ќе им ја оставиме на нашите деца – рече Албанезе.
Од климатските цели доставени до ОН, Обединетото Кралство се издвои со најамбициозната цел – намалување на емисиите за 78 проценти во споредба со нивото од 2005 година.
Во Македонија последнава година има големи промени кон поголемо искористување на обновливите извори на енергија
Македонија долги години во производството на електрична енергија се потпираше на јагленот и лигнитот, па најголемиот дел од енергијата и овие години го добиваме од нив, но сепак, предност е што последните години има големи промени кон поголемо искористување на обновливите извори на енергија.
– Во 2024 година, вкупното домашно производство на електрична енергија изнесувало 6.129 гигават-часа и е за 6,47 отсто помало во споредба со 2023 година. Домашното производство на електрична енергија учествува со 88,97 проценти во бруто-потрошувачката на електрична енергија, додека 11,03 отсто се обезбедени од увоз. Вкупното производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија учествува со 41,03 процент. Најзабележителен е порастот во производството на електрична енергија од фотонапонските електроцентрали од 186 отсто во 2024 година споредено со 2023 година, односно истото изнесува 853 гигават-часа – се потенцира во редовниот годишен извештај на Регулаторната комисија за енергетика.
Иако транзицијата на производство на електрична енергија од фосилни кон зелени ресурси зема голем замав, особено низ Европа, и таму се забележуваат отстапки од договорите, пред сѐ поради потребите на економијата.
Притисокот врз нашата земја за да ја укине употребата на фосилните горива и да се затворат електроцентралите што работат на јаглен е голем, но енергетичарите предупредуваат дека Македонија не може да си дозволи брзо да се откаже од користењето јаглен за производство на електрична енергија.
Особено треба да се има предвид зависноста од увоз на енергија, која се одрази неповолно на економските активности за време на претходните кризи. Упатените укажуваат дека ни е потребно постепено вклучување на обновливи извори на енергија, затоа што брзо и непланско преоѓање на извори што не ги задоволуваат потребните на заедницата, како и скапото чинење на таквото производство, во пакет со вклучување на неподготвена мрежа и систем носат ризик и нестабилност.
Нема брзи решенија, битни се чекорите кон
домашната енергетска одржливост
Енергетичарите предупредуваат дека не треба да се брза со решенија и дека нема брзи решенија во енергетскиот сектор. Потенцираат дека мора да има добри планови пред да се донесат одлуки за затворање на термоцентралите. Еден од професорите на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет потенцира дека ние не сме богата земја за да увезуваме скапа енергија, но притоа мора да се грижиме и за зачувување на индустријата, на која ѝ е потребно стабилно снабдување со релативно евтина енергија.
– Корените на кризата беа поради избрзаната енергетска транзиција на ЕУ, предизвикана од недоволно образовани, незрели, арогантни политичари, кои презедоа драконски чекори без подготовки и консултации со експертите во енергетската проблематика. Во тој контекст, ние страдаме од сервилното, вазалско, прифаќање на сѐ што доаѓа или се налага од западните партнери и притоа често трпиме несогледливи последици – потенцира нашиот соговорник.
Според него, кај нас, мора да се одржуваат постојните термоенергетски блокови колку што е можно тоа во актуелните услови. Нивното функционирање е од витално значење за енергетската безбедност и стабилното снабдување на земјата.
Тој додава дека многу е важно одговорните да креираат такви правни, регулаторни и технички услови за во процесот на енергетска транзиција граѓаните да бидат вклучени суштински, а не само декларативно и потоа во сметките за струја да констатираат покачувања како прилог за т.н. зелена енергија.
Според професорот во пензија Константин Димитров, ние како мала земја, која зависи од увоз на електрична енергија, треба да се ориентираме и да се фокусираме кон сопствено производство, бидејќи тешко ќе можеме да ја направиме зелената транзиција онака како што однадвор ни наметнуваат, за која зборуваат и нѐ притискаат.
– ЕУ многу се насочи кон зелената енергија за да се ослободи од јагленот и течните горива, бидејќи тие загадуваат. Македонија не треба по секоја цена да го отфрли јагленот како енергент, туку треба постепено и рационално да почнеме да инвестираме во гасни централи, хидроцентрали, ветерници и соларни системи, па дури и во модуларни нуклеарни мали централи. Со ваков начин единствено ќе можеме во скора иднина да го фатиме чекорот со зелените политики за кои се залагаат сите – оценува Димитров. Е.Р.


































