Фото: Приватна архива

Планирам да дојдам во Македонија на почетокот на следната година за да се сретнам со поширокиот тим на МРТ и со владини претставници за да создадеме долгорочна стратегија, вели Бобби Андонов

Фото: Приватна архива

Во 2008 година еден симпатичен тинејџер, Боби Андонов, дојде од Австралија, каде живее со неговите родители, по потекло од Македонија, за да ја претставува нашата земја на „Детскиот евросонг“, што се одржуваше на Кипар. Ја пееше песната „Прати ми СМС“, со која го освои високото петто место.

Фото: Приватна архива

Сега 17 години подоцна, Боби е успешен пејач, кој не само што е познат во Австралија, каде постојано настапува, а постигна и голем успех на музички шоу програми, туку гради кариера и во САД.

Сепак, Боби не ги заборава своите македонски корени, па кај него се роди голема желба да ја претставува Македонија и на „Евровизија“! Многу амбициозно ги осмисли сите детали, а пред се начинот на финасирање, без да се оптоварува МРТ, носителот на лиценцата за овој избор. Својата стратегија и начинот на нејзина реализација тој го испрати официјално и до Програмскиот совет на МРТ.

Фото: Приватна архива

На некои евровизиски сајтови е објавено дека „за првпат, автор и изведувач нуди финансиска поддршка за учество на Евровизија на соодветна земја“, во случајот тоа е Македонија.

Еве што стои, меѓу другото во информацијата:

„Неодамна Програмскиот совет на МРТ беше контактиран лично од младиот пејач Боби Андонов, кој побара неговото образложение да биде проследена до сите членови на Советот. Тој сподели дека управното тело на Австралиската влада за автори и композитори веќе се согласило да обезбеди финансиска поддршка и медиумско покривање, доколку Македонија го потврди своето учество. Андонов вели дека неговиот тим обезбедил дополнителен меѓународен фонд за покривање на сè што не е предвидено со буџетот, така што кампањата на Македонија ќе биде претставена глобално и на современ начин без трошење македонски средства“. Покрај писменото обраќање, тој испрати и две презентации кои вклучуваат бројни информации за „Евровизија“, за неговата меѓународна кариера и зошто треба да биде претставник на Македонија на „Евровизија“.

Боби Андонов го презентира во обраќањето и начинот на градењето на глобална кампања, тимот со кој би соработувал за компонирање и продукција на песната, па дури и каде би го снимал евровизискиот спот“.

Фото: Приватна архива

Неофицијално, од евровискиот тим на МРТ ни рекоа дека е точно дека стигнало вакво барање, но за учество на Македонија на „Евровизија“ во 2026 година, донесена е конечна одлука ние повтроно да не учествуваме. За следнаат 2027 година, допрва ќе се разгледуваат сите опции.

За да се увериме во веродостојноста на оваа информација се обративме лично до Боби Андонов со прашање дали навистина тој има план и стратегија да ја претставува нашата земја на „Евровизија“.

Тој со задоволство ни одговори дека е оптимист во врска со учеството на Македонија на „Евровизија“ во 2027 година, откако ќе се обезбеди меѓународно финансирање. Боби на почетокот на следната година ќе дојде тука и планира да се сретне со претставници на МРТ и на владата за да разговара за реализацијата на овие планови.

– Да, информациите се точни. Мојот тим и јас доставивме детален предлог до МРТ пред неколку месеци, вклучувајќи стратегија, креативни концепти, буџетирање и потврдено меѓународно финансирање преку партнери како што е АПРА АМКОС (APRA AMCOS) во Австралија. Целта беше да се обезбеди учеството на Македонија на „Евровизија“ и да биде целосно финансирано и претставено на глобално ниво – без користење на национални средства. За жал, имаше одложување на реализацијата на оваа идеја и по се изгледа дека во 2026 година тоа нема да се случи. Вистинскиот фокус ќе се стави на 2027 година. Планирам да дојдам во Македонија на почетокот на следната година за да се сретнам со поширокиот тим на МРТ и со владини претставници за да создадеме долгорочна стратегија – ни рече Боби Андонов.

Тој дополни дека му е драго оти оваа негова желба ја поддржуваат се поголем број евровизсики фанови од нашата земја, но и пошироко.

– Многу сум возбуден за она што претстои и можноста што се отвора пред мене да ја донесам приказната за Македонија на меѓународна сцена. Моја цел отсекогаш била да создадам нешто со светска класа штоќе ми овозможи да ја претставува нашата земја со гордост. Јас не сакам по секоја цена да настапувам на „Евровизија“, желба ми е да фрлам вистински фокус на Македонија, во позитивна смисла – вели Андонов.

Во моментов, Боби постојано создава и снима нова музика и работи на неколку креативни проекти помеѓу Лос Анџелес, САД, и Европа.