ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (366) Од историјата на борењето (8)
- Во прекрасниот калифорниски град, на борачкиот турнир, Шабан Трстена го освои првиот златен олимписки медал за Македонија, а Шабан Сејдиу го повтори успехот од ОИ во Москва и вторпат стана носител на бронзен медал
Од борачката школа, а потоа и од клубот Лирија, кои функционираа во рамките на истоименото училиште во Скопје, како печурки никнуваа и се појавуваа млади борачи на домашната и на меѓународната сцена, кои потоа заминуваа во другите клубови каде што во подобри услови продолжуваа со тренинг под водство на искусните тренери Ристо Таков, Бојан Рангелов, Насе Насев, Томе Атанасов, Фоти Ѓатовски, Сократ Ефтимов.
Па, така, откако беше откриен Шабан Сејдиу, на експертите не можеше да им побегне од вид уште еден голем талент, Шабан Трстена. За разлика од Сејдиу, овој беше слабичок, но жилав и темпераментен. Во првиот момент сите се посомневавме дека ова момче, кое почна да тренира во училиштето, може да се развие во борач од највисока класа. Но како што одминуваше времето, сомневањата исчезнуваа.
Борачка генерација за паметење
Прво, кон крајот на 70-тите години на минатиот век, Трстена почна да ги освојува првите места на турнирите, потоа на Балканијадите, за да стигне до медитеранските игри, европските и светските првенства. Во почетокот на 80-тите години Сејдиу и Трстена просто се натпреваруваа кој ќе биде поуспешен и кој ќе освои повеќе трофеи. Тоа беа блескави мигови на македонското борење, кои беа дополнети и со врвните резултати на штипјаните Киро Ристов и Зоран Шоров. Првиот секогаш беше на врвот, но никогаш не се врати со медал од светските и европските првенства, па така, негов највисок дострел се смета бронзата од Универзијадата во Букурешт, а вториот двапати се искачи на пиедесталот на европските првенства, беше втор во Велико Трново и трет во Штутгарт.
Оваа четворка, кон која се приклучуваа Николовски, Димков, Стоилов, Ефремов, Емини, Јанев, Ејупи, Мемеди, беше базата на нашето борење што го афирмира македонскиот спорт низ сите меридијани во светот. Веќе не можеше да се замисли ниту една поголема спортска светска приредба без учество на борачите од Македонија. Што е многу побитно, тогаш тие играа значајна улога и беа централни спортски фигури, за разлика од денес кога се само епизодисти. Каде и да се појавеа беа во центарот на вниманието, секогаш меѓу фаворизираните кон кои сите противници гледаа со респект.
Шабан Трстена полека почна да се приближува до Сејдиу со постигнувањата, а имаше еден период кога двајцата освојуваа медали со ист блесок, каков што беше случајот со Европското првенство во Јенчепинг во Шведска, непосредно пред Олимпијадата во Лос Анџелес, кога двајцата се искачија на највисокото место на пиедесталот. Од тој момент почна брзиот подем на Трстена, кој полека ја добиваше истата слава како Сејдиу, за во олимписката 1984 година конечно да избие на водечкото место со освојувањето на златниот медал на Олимпијадата во Лос Анџелес, што беше прв и досега единствен ваков успех на еден македонски спортист на најголемиот светски собир. Тоа беа мигови што секогаш ќе им останат во сеќавањето на љубителите на спортот во нашата држава. Заслуга за овој резултат секако имаа, за жал, покојните, селекторот Насе Насев и докторот Милош Вучидолов. Двајцата беа максимално посветени на своите борачи и во секој миг знаеја, за да се постигне врвен резултат, што им е најпотребно.
Насев, нормално како тренер и селектор, се грижеше за реализација на тренинзите и за подигнувањето на формата, додека Вучидолов го имаше главниот збор кога се работеше за исхраната заради регулирање на килограмите и за санирање на евентуалните повреди. Овој тандем имаше одлична соработка и беше уигран.
Двајцата во својата сфера на дејствување ништо не можеше да ги изненади. Тие ги знаеја вредностите на своите борачи и знаеја во определен момент кој до каде може да стигне. Насев добро ги имаше проучено и противниците, па можеше да постави и тактика што требаше да даде резултат. Докторот Милош Вучидолов, пак, кога борачите требаше да се подготват за потешките битки што следуваа, беше тој што ги даваше главните упатства, што се однесуваа на тоа каква храна да се консумира за да се одржува тежината за категоријата во која настапуваа, зашто ако се пречекореа само десетина грама не ќе можеа да настапат. Тој имаше специфичен рецепт преку кој успеваше да ги освежи и да им ја врати силата пред новите искушенија. Некогаш се случуваше од психолошки причини, зашто често одењето во сауна им беше преку глава на борачите, и тој заедно со нив да влезе во сауната.
Незаборавното салто на Трстена
Откако помина низ сите пречки и ги совлада сите противници, Трстена стигна до златниот медал. Сите бевме среќни, зашто и Македонија се вброи во земјите што имаа олимписки шампион. По финалниот настап, почна големото славење во борачкиот дел од олимпискиот тим на поранешната држава. Шабан Трстена, кој од млади години молскавично тргна по патот на успехот, нешто слично како Сејдиу, во Лос Анџелес стигна до голем триумф, кој со златни букви е запишан во македонската спортска историја. По победата во последната борба над Јапонецот Сато, нашиот борач не можеше да ја скрие својата радост и го изведе она спектакуларно салто наназад, кое долги години се вртеше во шпиците на спортските емисии низ светот. Трстена беше вистинско освежување во борачкиот спорт и голема сензација. Малкумина пред почетокот во него гледаа фаворит број еден, но на крајот се поклонија пред македонскиот шампион и прв наш олимпиец со освоено злато во еден поединечен спорт, зашто пред него да не го заборавиме и голманот Благое Видиниќ, кој со фудбалската репрезентација стигна до златото во Рим. Шабан Сејдиу и таму беше на ниво. Вторпат го освои бронзениот олимписки медал по оној првиот во Москва. И третиот наш борач, Шоров, беше високопласиран на шестата позиција. Ова претставуваше врвен дострел на македонскиот спорт, кој не верувам дека во блиска иднина ќе може да се повтори.
По Лос Анџелес, патот на Трстена му беше ширум отворен. Немаше дилеми, тој беше борач што му припаѓаше на светскиот крем. И понатаму се редеа победи на турнирите, балканијадите, а беше прв и на Медитеранските игри во Латакија, во Сирија, во 1987, една година пред Олимпијадата во Сеул на која, поради повреда на коленото, во финалето не можеше да се бори со сите сили, па, така, се задоволи со сребрениот медал. До крајот од кариерата имаше уште едно злато од европските првенства, она во Познањ во Полска. Иако се почувствува дека во почетокот од 90-тите години на минатиот век доаѓа крајот на неговата кариера, тој собра сили, па откако ја испушти Барселона, настапи на Олимпијадата во Атланта.
Таму, во продолжение од драматичната борба со Канаѓанецот Сисаури, во една проблематична акција во која тој прв поентираше, за влакно беше поразен. Судиите како да се изгубија во жарот на борбата и го оштетија нашиот репрезентативец, па не помогна ниту жалбата на македонската делегација. На крајот, иако не освои медал, Шабан Трстена се пласира на одличното петто место. Така ја заокружи богатата кариера, пред сѐ олимписка, со по едно злато, сребро и петто место.
Сите овие постигнувања на Трстена ја издигнуваат Македонија на самиот врв од борачкиот спорт. Да се има олимписки првак и вицепрвак во личноста на еден човек е голема работа, би рекол историска зашто златото и среброто засекогаш ќе останат да нѐ потсетуваат на борачкиот шампион. Трстена успеа од училишниот клуб „Лирија“ да се вивне до светските височини. Неговото име ќе биде поттик и за идните генерации, кои допрва стапуваат на сцената. Тој ќе биде вистински пример за тоа како едно чаирско дете, благодарејќи на својот талент и пред сѐ на желбата и настојчивоста, може да стигне до небесните спортски височини.
БК Бучим европски и светски шампион
Кога ги заокружувам овие резултати на нашите борачи и шетам низ историјата на македонското борење, мора да се споменат и екипните резултати. Откако штипски Балканец беше првиот клуб кој нѐ претставуваше во Купот на европските шампиони, речиси по повеќе од 20 години дојдоа и двата триумфа на БК Јака Бучим од Радовиш, првиот во Европскиот клупски куп во 1995 година, а вториот, кој беше со поголема специфична тежина во Светскиот куп, во конкуренција на шампионите на Азија, Америка и на Африка.
Кога се зборува за овие два триумфа, не треба да се заобиколи и спонзорот на радовишани, рудникот „Бучим“, кој благодарејќи на тогашниот генерален директор, Ванчо Чифлиганец, кој во младоста и самиот беше борач, за цело време стоеше зад клубот и тој беше неговата главна потпора. Ова е уште еден доказ оти без вистински ентузијасти, не само борењето туку кој и да е спорт, тешко може да оди напред.
Во тие моменти кога радовишани станаа двојни шампиони, европски и светски, цела Македонија се гордееше со нив. Радоста беше уште поголема, зашто ова се случи во годините непосредно по прогласувањето на самостојноста и независноста на нашата држава. Борачите практично беа првите што донесоа толку вредни трофеи од меѓународната сцена.
За да видите колку борачкиот спорт е тежок и колку многу тортури треба да се издржат за да се стигне до успехот, ќе читате идната недела кога ќе видите низ каква голгота помина Шабан Трстена за да стигне до второто европско злато на шампионатот во Познањ. Тогаш ќе сфатите оти борачите навистина се нашите спортски херои.
































