Вчерашниот изумрен свет
Пред извесно време, се најдов во едно средно училиште. Заѕвони ѕвончето и сите почнаа да излегуваат од училниците. Она што ме изненади не е тоа што беснееја (и ние сме го правеле истото кога ќе заѕвони ѕвончето), туку што не се знаеше „лево“ и „десно“. Вообичаено е, дури и кога не вози автомобил, човек да си ја држи десната страна, како пешак. Таму тоа не важеше: секој си одеше по своја ТРАЕКТОРИЈА, како планети без гравитациона точка. Едвај се пробив до наставничката канцеларија. Некои стоеја во групи среде коридорот, без никакво чувство дека му го попречуваат патот некому, дека постои и некој друг. Други одеа лево (мое десно) и неколкупати избегнав судир со младичи и девојки што трчаа и викаа. Пробав да се сетам на гимназиските денови: и ние правевме глупости, ама тоа беа НАМЕРНИ глупости. Да одиш лево по ходникот – тоа не беше обичај, тоа беше намерно, посебно ако сакаш да се судриш со некое девојче што ти значи.
Новиот свет произведе генерации за кои е најнормално да го изберат ПОКУСИОТ пат. Shortcut. Затоа одеа лево-десно, цикцак. Ако имате време, набљудувајте ги луѓето во „Сити мол“: иако има две „ленти“, една десна и една лева, тие го избираат најкраткиот пат. Одат АТАКСИЧНО. Па дури и во сообраќајот е така: многу често ќе видите возило што од крајната десна лента преминува во крајна лева; кога таму некој не вози „доволно брзо“, ќе помине повторно во крајната десна, ќе ги помине сите, па ќе се вклучи во средната.
Поимот „атаксија“ е граматички термин и значи – неред во реченицата. Ама постои и просторна атаксија (дезориентираност), која значи – неред во движењето низ просторот. Астрономите многу добро знаат дека кога проучуваат дали има живот на некое небесно тело, прво што бараат – се знаци на правилни геометриски форми. Геометризацијата е прв знак дека постојат интелигенција и интелигентни суштества. Кога би се набљудувало движењето на денешниве луѓе од воздух, тешко дека некој би заклучил дека на Земјава постојат интелигентни суштества.
Гледам постојано што се случува и на тренинзите по кошарка, каде што ги водам синовите. Тренерите ќе ги наредат децата, на возраст од седум до девет години, во квадрат, и ќе им дадат да тапкаат топка во место. За само една минута, квадратот се претвора во круг, кругот во елипса, елипсата во хаос. Кутрите тренери, на две минути мора да им го објаснуваат просторот на децата. Малку деца (на таа возраст) разбираат „лево“ и „десно“. Тренерите се жалат и на моторичките способности: велат дека многу време им треба на децата да научат да примат топка – слабо ја проценуваат брзината со која топката се движи кон нив и доцна ги подаваат рацете. Психолозите велат дека тоа е последица на ДИГИТАЛНОТО сфаќање на просторот: кога топката на екран оди кон детето, тоа знае дека нема да го удри, зашто екранот е граница меѓу виртуелниот и стварниот свет. Затоа и многу често се случуваат крвавења од носот на тренинзите: топката го удира детето во носот, затоа што тоа доцна реагира. Не е тоа виртуелност, не е видеоигричка, туку вистински простор.
Се сеќавам на едно средство што во нашето детство беше пресудно за развивање на моторичките способности: велосипедот. Тоа средство го развиваше беспрекорно чувството за РАМНОТЕЖА: можеш да возиш само ако одржуваш рамнотежа, целосно чувство за себеси во просторот. Знаевме дека ако забрзаш, имаш рамнотежа; но вистински си научил да возиш само ако не паѓаш и кога бавно возиш. Тоа е одлична метафора и за животот: многумина луѓе, брзајќи низ животот, имаат чувство дека ја постигнале рамнотежата. Но штом сопрат, паѓаат. Оставете работохолик без работа и – ќе падне во депресија.
Но, велосипедот, откако ќе ја постигневме сопствената рамнотежа, беше идеално средство и за геометризација на просторот: тој нè учеше што е лево, а што десно, и тоа беспрекорно. Сите сме се нашле во онаа ситуација кога се разминуваме со друг велосипедист: вие тргнувате лево и тој тргнува лево (негово десно); потоа вие тргнувате десно и тој тргнува на иста страна (ваше десно, негово лево). Само секунда решава кој од вас двајцата ќе остане на иста страна. Подобар начин да научите која е ваша страна од коловозот – нема. И да научите лево и десно, оти во стрес најдобро се помни.
Денес сè помалку деца возат велосипед. Се решаваат за електрични тротинети (а од мали, наместо во автомобили на педали, ги ставаат во автомобили со батерија). И да научат „лево“ и „десно“, нема да научат што е рамнотежа. Тие тротинети се движат многу брзо, несоодветно за возило на две тркала, речиси како мопеди: мене за малку ќе ме разнесеше едно момче неодамна на тротоар, затоа што не процени добро „лево“ и „десно“, а возеше брзо. Но и тие мопеди се атаксични: возат цикцак, ретко кој држи правец „во линија“.
Што значи тоа? Значи дека на денешниве луѓе, кои масовно користат вештачка интелигенција, не им недостига знаење, туку ПРАКСЕМИ. Праксемите се знаења стекнати од сопствено искуство. Вие можете теоретски да знаете „горе“ и „долу“, „лево“ и „десно“, ама само ситуационо ќе научите КАДЕ Е ТОА. Се сеќавам на една сцена, кога еден дедо водеше внука пред мене; девојчето лижеше сладолед, кој почна да се топи и да тече. Тој ѝ рече: „Лижи од долу!“, а девојчето чучна и продолжи да лиже како што лижеше. Тоа беше комично, зашто некои работи се учат само со покажување и од искуство. Тоа се праксеми. На денешниот дигитален свет и на дигиталните генерации им недостигаат токму праксеми. Не може да вози електричен тротинет некој што не знае лево-десно или кој не возел велосипед за да стекне рамнотежа. Не може да вози ни „порше“, зашто ќе го вози како што пешачи: цикцак, за да стигне побрзо.
Е, пони-велосипедот беше „порше“ на нашето време. Со ноќи го сонував „понито“: беше хит, зашто можеше да се склопи и спакува на половина – точно на средината, имаше винт што ги спојуваше двете половини. И кога ќе се склопеше на половина, можеше да се транспортира дури и со најмал автомобил. Татко ми велеше – скап е, немам пари овој месец. И така секој месец. А јас играв наградна игра на „Политикин забавник“ (даваа 400-500 награди) во која главната награда беше – токму „понито“. Замислете колку сум го сакал, штом сум верувал дека од цела Југославија (22 милиони луѓе), јас ќе бидам среќникот. И, дојде денот за резултатите: „понито“, точно се сеќавам, падна во Сараево. Иронијата беше следнава: моето име стоеше под реден број 400 и кусур (добив блок со боички). Не знам дали воделе сметка наградите да бидат распоредени според принципот на братство-единство, во сите републики, но добив и јас награда. „И тоа е нешто“, ме тешеа моите.
Во следниот број на „Политикин забавник“ излезе соопштение: „ИЗВИНУВАЊЕ ДО ЧИТАТЕЛИТЕ – во големиот пожар на магацинот на белградска ’Политика‘ изгореа сите награди. Ги молиме добитниците за трпение – наградите ќе им бидат врачени наскоро“.
Од тогаш, не сум играл игри на среќа. Истиот ден, татко ми се појави на врата со „пони“, расклопен на половина. „Зедов на кредит“, рече. А јас, јас само знам дека многу бргу потоа научив „лево“ и „десно“, „брзо“ и „бавно“, и дека среќата што ја чувствував во тој миг може да се спореди само уште со среќата кога добив факултетска диплома. И навистина, и денес имам чувство дека дипломирав тогаш, кога научив лево и десно, и кога сфатив дека рамнотежата е многу повеќе духовна одошто телесна работа. Млади и деца, возете велосипеди, оставете сè што е „на батерија“!
































