- Свесни за потенцијалот што би го добила земјава доколку преку неа се одвиваат клучните транспорти, соседните земји веќе најавуваат амбициозни планови како да го бајпасираат коридорот 10 и движењето на стоки од луѓе од Европа да го насочат низ шенген-зоната. За таа цел, следниот месец Грција, Бугарија и Романија ќе потпишат договор за соработка со Европската комисија во Брисел, со кој ќе се започне нов прекуграничен транспортен коридор што ќе ги поврзува Егејско и Црно Море преку модерни автопатишта и брза железница
Македонските евроинтеграции отсекогаш биле предмет на блокади и опструкции што во ниту еден момент не беа поврзани со исполнувањето на Копенхашките критериуми, туку многу повеќе со задоволувањето на интересите на две соседни земји што членството во Европската Унија го искористија како алатка за реализација на анахроните аспирации.
Во таквите намери притисокот не беше насочен само кон евроринтегративниот процес, туку кон целокупните развојни процеси на земјава, со единствена цел таа што повеќе да се изолира и да се стави во подредена и зависна улога во однос на соседите.
Чудна коинциденција на тајминзите за старт на проектите
Имено, откако земјава сериозно влезе во проектот за изградба на брза железница по должината на коридорот 10, како и со комплетирање на железничкото поврзување преку коридорот 8, несомнено се наметна како клучен инфраструктурен јазол преку кој југоистокот на Европа би се поврзал со остатокот од континентот.
Свесни за потенцијалот што би го добила земјава доколку преку неа се одвиваат клучните транспорти, соседните земји веќе најавуваат амбициозни планови како да го бајпасираат коридорот 10 и движењето на стоки и луѓе од Европа да го насочат низ шенген-зоната.
За таа цел, следниот месец Грција, Бугарија и Романија ќе потпишат договор за соработка со Европската комисија во Брисел, со кој ќе се започне нов прекуграничен транспортен коридор што ќе ги поврзува Егејско и Црно Море преку модерни автопатишта и брза железница.
Иницијативата, како што пишува „Грикрепортер“, ја зајакнува поврзаноста север-југ во Источна Европа и го поддржува планот на ЕУ за интегрирање на трговските и мобилните мрежи низ целиот континент. Новата рута ќе ги поврзе грчките пристаништа со романската и бугарската заднина и ќе се протега кон Молдавија и Украина, подобрувајќи го економскиот, енергетскиот и транспортниот пристап низ целиот регион.
Европскиот комесар за одржлив транспорт и туризам Апостолос Цицикостас го нарече коридорот „врвен европски приоритет“ и „модел на прекугранична соработка“. Тој ги повика сите три земји да ја забрзаат изградбата за брзо да го реализираат проектот.
Не случајно зад проектот застанува еврокомесарот за транспорт, инаку Грк, кој поаѓа од позиција дека на овој начин Грција станува клучен стратешки центар за трговија меѓу Европа и Азија.
Тој, образложувајќи ја оправданоста на проектот, ја истакна одбранбената улога што би ја одиграл, особено во делот на побрзо и побезбедно движење на војниците, тешките возила и опремата.
– Ова не е само инфраструктура, тоа е стратешка неопходност – рече Цицикостас, нагласувајќи дека современите транспортни системи мора да ги задоволат и цивилните и одбранбените потреби.
Целта е Македонија да остане на периферијата
И додека оправданоста на овој паралелен коридор се објаснува првенствено со одбранбената улога што би ја одиграл, токму коридорот 8 пред извесно време беше посочуван како клучен преку кој би се одвивал ваков транспорт, кој заедно со коридорот 10 би ја комплетирал сликата за одбранбената логистика во регионот.
Познавачите на состојбите во ова препознаваат исклучиво ново геостратешко позиционирање на Бугарија и Грција во однос на Македонија.
– Откако Велика Британија застана зад Македонија околу изградбата на коридорот 10, на официјална Софија и Атина им стана јасно дека ако земјава добие таква геостратешка важност, тогаш ќе стане многу позабележлив играч на масата, а тоа нема да им одговара ним. Сега, откако стана јасно дека на почетокот на следната година земјава ќе стартува со работите на терен, Грција, Бугарија и Романија одеднаш ќе прават паралелен коридор. Прашањето е зошто? Ако природно солунското пристаниште е поблиску до македонската граница, патот и железницата ги има, тогаш зошто нов коридор по истата паралела, само малку поисточно? Преку коридорот 10 може да се одвива истиот транспорт, кој потоа преку коридорот 8 ќе го покрие и црноморскиот дел. Дополнително, истата линија обезбедува конекција на Јадранско со Црно Море, што е дополнителна предност – објаснуваат познавачите.
Според нив, станува збор за класично бајпасирање на коридорот што минува низ Македонија и нанесување економска штета.
– Кај нѐ блокираат во евроинтеграциите, сега сакаат да нѐ спречат во намерата инфраструктурно да станеме видливи на европската мапа. Ако ние сега вложиме над една милијарда во изградба на брза пруга, а тие со европски пари градат паралелен коридор, нема друга намера освен да ѝ се нанесе економска штета на земјава, коридорот 10 да зјае празен, а сообраќајот да се насочи преку тој нов коридор. Друга логика нема. Ако е подобра таа линија, зошто и сега стотици илјади Романци, Германци, Срби не одат во Грција преку Бугарија, туку го користат и натаму коридорот 10? Затоа што овој коридор природно ја следи географијата на теренот. Истото тоа ни го направија и со гасоводите. Оние што требаше да поминат низ Македонија и земјава да профитира од транзитот на гас, беа опструирани токму од соседите, па Бугарија и Романија ги презедоа подоцна овие проекти и се наметнаа како енергетски фактори. Не е спорно дека треба да се градат други коридори и инфраструктурни проекти, потребни се и тие, но не смее некој да го злоупотребува ова и да ја користи улогата во ЕУ да ги минира процесите што во овој случај би значеле благодат за земјава.
Впрочем, и Европската комисија не треба да се води повторно од нечии тесни интереси, како што правеше досега, туку од своите примарни и прагматични потреби – заклучуваат соговорниците.




































