Американскиот министер за финансии Скот Бесент синоќа изјави дека Вашингтон ќе објави нова рунда санкции против Москва, еден ден по одложувањето на состанокот меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин во Будимпешта за прекин на војната во Украина.
– Во текот на денот или утре наутро ќе објавиме значително заострување на санкциите против Русија – изјави Бесент пред новинарите во Белата куќа.
Британските медиуми наведуваат дека санкциите се насочени пред се кон нафтените компании „Лукоил“ и „Росњефт“.
Американскиот министер изјави за каналот Фокс Бизнис дека Путин не бил „ниту чесен, ниту искрен“ со Трамп.
– Претседателот Путин не бил толку фер и искрен на преговарачката маса како што се надевавме – рече Бесент, додавајќи дека американскиот претседател е „разочаран од моменталната состојба на разговорите“ за прекин на војната во Украина, која започна со руската инвазија во февруари 2022 година.