Поранешниот руски претседател и актуелен заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев го обвини американскиот претседател Доналд Трамп дека извршил „чин на војна“ против Русија со воведувањето санкции врз нафтените гиганти и откажувањето на предложениот самит со рускиот претседател Владимир Путин.
– Ако некој од многуте коментатори сè уште негувал илузии, еве ви сега. САД се нашиот непријател, а нивниот зборлест „миротворец“ сега целосно тргна по патот на војна со Русија – напиша Медведев на „Телеграм“.
– Да, тој сè уште не се бори секогаш активно на страната на бандеровиот Киев, но ова сега е негов конфликт, а не конфликт на сенилниот Бајден. Секако дека ќе каже дека не можел поинаку, дека бил притиснат во Конгресот итн. Ова не ја менува главната поента: донесените одлуки се чин на војна против Русија. А сега Трамп целосно застана на страната на полудената Европа – додаде тој.
– Но, има јасен плус во ова последно замавнување на нишалото на Трамп: можеме да ги погодиме сите скривалишта на Бандер со секаков вид оружје без да се замараме со непотребни преговори. И да бараме победа точно таму каде што е можно, на терен, а не на маса. Со уништување на непријателите, а не со склучување бесмислени „договори“ – заклучи тој.
Синоќа, за првпат во својот втор мандат, Трамп воведе санкции против Русија, во врска со нафтените компании Лукоил и Роснефт.
Министерството за финансии на САД, кое ги издаде санкциите, соопшти дека е подготвено да преземе понатамошни чекори и ја повика Москва веднаш да се согласи на прекин на огнот во војната на Русија во Украина, која започна во февруари 2022 година.
– Со оглед на одбивањето на претседателот Путин да ја заврши оваа бесмислена војна, министерството воведува санкции врз двете најголеми руски нафтени компании кои ја финансираат воената машина на Кремљ – рече американскиот министер за финансии Скот Бесент.
– Ги охрабруваме нашите сојузници да ни се придружат во почитувањето на овие санкции – додаде тој.
Санкциите претставуваат голем пресврт во политиката на Трамп, кој не воведе санкции против Русија поради војната, туку се фокусираше на трговски мерки.