ВО ХАНГЏОУ СЕ ОДРЖА ТРЕТИОТ ФОРУМ „ЛИЈАНГЖУ“

Под мотото „Ревитализација на цивилизацијата: културно наследство и културна разновидност“ во Хангџоу, Кина, се одржа третиот по ред форум „Лијангжу“, посветен на древната култура позната како Лијангжу, кој вклучи еден главен форум, четири потфоруми и шест придружни активности, со околу 300 учесници (историчари, претставници на музеи, археолози…) од над 60 земји и региони во светот. На церемонијата на отворањето и на главниот форум присуствуваа лидери од кинеските културни власти и претставници од УНЕСКО и од Светската туристичка организација на Обединетите нации (ОН). Четирите потфоруми ги истражуваа темите на старите цивилизации, заштитата на археолошките локалитети, иновациите во музеите и зачувувањето на светското културно наследство.
За првпат на форумот присуствуваа и раководителите на УНЕСКО и на ОН за туризам, истакнувајќи ја важноста на меѓународната соработка во заштитата на културното наследство, како и експерти и научници од водечки светски институции како „Харвард“, МИТ и „Оксфорд“, како и глобални организации од областа на културното наследство.
Церемонијата ја отвори Лиу Јие, заменик-секретар на ЦПЦ (Комитет на провинцијата Жеџијанг), кој ги поздрави гостите и сите присутни во салата и рече дека оваа година се означуваат 40-годишнината од пристапувањето на Кина кон Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство и 20-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита и промоција на разновидноста на културната. Настаните како форумот „Лијангжу“ се прогласуваат од страна на учесниците како клучни платформи за поттикнување глобална соработка и оживување на древните цивилизации.
Прв говорник беше Пенг Кингуа, висок претставник на Националниот конгрес на Кина, кој потенцираше дека културното наследство е коренот на нациите. Тој кажа дека во Кина има околу 60 значајни културни точки што се важни за целото човештво, а дека Лијангжу со својата пет илјади години стара традиција е една од нив. Според него, заштитата на културното наследство е приоритет затоа што тоа е незаменливо, а многу важен аспект во тоа се меѓународната соработка, размената на искуства и знаења со експерти од светот.
– Историјата досега покажала дека дијалогот е фундамент за одржување на мирот, а таков дијалог и соработка се потребни во заштитата на културното наследство затоа што тоа е мост што ги поврзува минатото, сегашноста и иднината. Неопходна е глобална соработка во сите креативни области, како и во туризмот и едукацијата – рече Кингуа.
Ванг Хао, висок претставник на провинцијата Жеџијанг, зборуваше за пионерските обиди во заштитата на културното наследство на Лијангжу, кои вклучуваат спој на традиционалните и модерните и дигитални техники и методи.
Гао Зенг, министер за култура и туризам на Кина, пак, се осврна на значењето на форумот како платформа за дијалог на цивилизациите.
– Различностите се основа на човечката цивилизација и затоа мора да се почитуваат и да се промовираат. Овој форум е мост за соработка на Кина со другите земји од светот во заштитата на културното наследство – рече Зенг.
По него пред преполната сала се обрати и Зураб Пололикашвили, генерален секретар на ОН за туризам, кој рече дека културите што создаваат работни места, наследство, фестивали и креативни индустрии – во живот ги одржуваат локалните занаетчии, уметници и заедници.
– Патуваме за да посетуваме важни културни места и затоа заштитата на културното наследство е двигател на туризмот. Од рурални области до големите градови – културното наследство е секаде присутно – рече тој.
Шабаз Кхан, директор и претставник во Регионалната канцеларија на УНЕСКО за Источна Азија, подвлече дека пет илјади години старата цивилизација е симболот на Лијангжу и е показател за тоа како минатото може да ја инспирира иднината.
– Потребно е да се осигуриме дека културата е целосно признаена и обезбедена со ресурси во глобалните политички рамки. Да ги обединиме нашите напори кога културата станува не повеќе недостасувачка врска туку водечки светилник на одржливиот развој – рече Кхан во својот говор на отворањето.
Жан Пол Демол, француски експерт, посочи дека културното наследство е дел од нашиот идентитет и затоа наша должност е да го заштитиме она што ни го оставиле предците.


На настанот беше заклучено дека ваквите форуми овозможуваат да учиме од искуствата на другите земји и да се вклучиме со различни идеи, а сите сознанија што ќе произлезат може да се применат на локалните проекти за културно наследство, помагајќи ни да ги истражуваме разновидните модели за развој. Марио Кутајар, експерт од Малта, пак, потенцираше: „Конзервацијата на културното наследство не е луксуз, таа е неопходност“.
Во рамките на придружните настани, пак, се одржаа меѓународен симпозиум на темата „Сеопфатната колекција на древните кинески слики“, културно-креативен пазар, кинеско-американски симфониски концерт и Меѓународно биенале на уметност и технологија. За време на форумот се одржа и доделување на наградите на ОН за најдобрите туристички села, а меѓу нив беше избрана провинцијата Жеџијанг со три села — Јуцун, Сјаџанг и Ситу.

Весна Дамчевска, наша известувачка од Кина