Три жени загинаа во експлозија што се случи вчера во фабриката „Авангард“ во градот Стерлитамак во Република Башкортостан во југозападна Русија – изјави денеска гувернерот Радиј Хабиров.
-За жал, загинаа три лица, сите жени. Меѓу нив беше и млада жена родена во 2002 година. Две жени оставија зад себе деца. Компанијата ќе ја обезбеди потребната поддршка, а ќе биде исплатена и отштета. Изразувам искрено сочувство до семејствата на жртвите – објави Хабиров на социјалните мрежи.
Уште пет лица се хоспитализирани – две со сериозни повреди и три со умерени, но гувернерот потврди дека нивните животи не се во опасност.
Хабиров рече дека една од зградите е уништена во експлозијата и потврди дека немало напад со дрон.
-Истрагата е во тек. Имаше различни мислења за тоа дали станува збор за напад со дрон. Не беше, имаше експлозија, а форензичките експерти во моментов ја истражуваат причината – рече Хабиров.