Oбјавено e ново дело на визуелниот уметник Марко Трпески, „Синхроницитети – Чувари на приказната“. Друштвена или осаменичка игра (кој како милува), чија примарна цел е да поттикне креативно пишување. Во надреалистички манир и препознатлив стил на Трпески, а многу интуитивно, играта ја олеснува артикулацијата на потсвесните текови на оној што ќе се осмели да (ја) игра.
Компетитивноста и противниците во оваа игра не се норматив, а најважниот натпревар е натпреварот со себе. Синхроницитетите и самиот процес на игра се клуч и калауз за отворање еден невидлив простор, каде што симболите креираат значенски мапи што го дефинираат нашето постоење, а случајноста сама се прекорува себеси зашто сè уште толерира да ја нарекуваат случајност.
Играта „Синхроницитети“ е мала лабораторија чија цел е зачмаените внатрешни пејзажи и монархијата на договореното свесно да ги насели со слободата на имагинацијата, која ќе изроди нова свежа реч!
Механиката на „Синхроницитети“ е едноставна, но бескрајно еластична. Играчот, со навидум случаен избор на комбинации од визуелни мотиви, симболи и литературни предизвици, бидува заробен од креативната енергија што до тој момент безмилосно ја потиснувал и е принуден да ги ослободи зборовите и мислата од заробеништво.
Секоја партија има неминовно различен епилог, полн со неизбежни среќавања, збор во чиј корен, сакала или не, живее барем почетна среќа, среќата поттикнува животни римувања, а што се тие ако не синхроницитети?
Со ова дело, Марко Трпески продолжува да длаби во односот со симболот и метафората. „Синхроницитетите“ интуитивно се хранат од надреализмот, автоматизмот, oставината од ОУЛИПО. Oна што е исчекор е тоа што Трпески без дозвола, безобразно, крадешкум и на своја рака ја претвора таа традиција во игра – во однос на слободни алашвериш-трансакции меѓу зборот и сликата.
Суштината на „Синхроницитети“ е едноставноста што само по себе укажува на комплексност од највисок степен: да се премине од свесно нетворење и преобмислување кон чинот на спонтаност и игра. Архетипските мотиви го покануваат играчот да го прочита јазикот на личното несвесно и да пробуричка низ дреболиите што му значат. Работна рамка на играта се спонтаноста, апсурдот и тоа дека неискажливото е непроверена гласина.
„Синхроницитети“ е поддржана од Министерството за култура и ОД Општина Ѓорче Петров.
Марко Трпески (1990, Скопје) е визуелен уметник, илустратор и графички дизајнер со особен интерес за надреалистичкиот јазик на симболите и спојот меѓу визуелното и литературата.