КУГЛАЊЕ – ЕВРОПСКИ КУПОВИ
- Макпетрол е деветти во Светскиот куп, Пелистер е 11-ти во Европскиот куп, а Вардар 2014 е 14-ти во НБЦ-купот и не обезбедија пласман во ЛШ
Македонскиот кугларски шампион Макпетрол го освои деветтото место меѓу 15 екипи во Светскиот куп (СК) во Болцано (Италија), со соборени 3.550 кегли, и за едно место не се пласира во Лигата на шампионите (ЛШ), каде што одат првите осум екипи. Се играше на шест патеки, а поединечно најдобри резултати кај „нафташите“ постигнаа Дарко Марковиќ (659 кегли), Сашо Трпковски (624) и Никола Андоновски (610). Пласман во полуфиналето, кое се играше вчера, обезбедија германски Рот Зербст (3.795), италијански Неумаркт (3779), унгарски Залаегерсег (3.777) и австриски Орт (3.682), кои играа по системот 1-4 и 2-3, а победниците ќе настапат во финалето. Во екипата на хрватски Запрешиќ, која заврши петта, настапи и поранешниот јуниорски светски првак и кадетски светки првак во дисциплината спринт Бранко Манев (од 2015 година има хрватско државјанство), кој собори 609 кегли.
Во Европскиот куп (ЕК) во Осиек (Хрватска) настапија 13 екипи, а Пелистер го освои 11-то место (3.390). Најдобар поединечен резултат кај битолчани оствари Цане Поповски (602). Во ЛШ одат првите пет екипи, додека во полуфиналето се пласираа словачки Трстена Старек (3.807), хрватски Мертојак (3787), германски Раиндорф (3.770), унгарски Сегед (3.713) и словенечки Радље (3.654). За екипата на Мертојак настапи и истакнатиот македонски репрезентативец Димитар Димитровски (623).
– Секако дека сме задоволни со пласманот меѓу четирите екипи во овој куп, што ни овозможува продолжување на низата учества во ЛШ и борба за еден од медалите – вели Димитровски, кој има освоено први места со сплитски Мертојак во сите три купа, со Макпетрол бил втор во НБЦ-купот, а двапати настапил и на фајнлфор-завршницата во ЛШ.
И во НБЦ-купот во Минхен (Германија), екипата на Вардар 2014 го освои 14-то место (3.576 кегли) меѓу 27 екипи, а во ЛШ одат само првите три екипи. Кај црвено-црните добри резултати постигнаа Тони Тодоровски (607), Дарко Димитровски (611) и Пецо Димовски (614). Во полуфиналето се пласираа германски Халбергмос (3.903), хрватски Задар (3.837), унгарски Инвесмент (3.833) и австриски Сент Полтен (3.777). За Халбергмос настапи и поранешниот македонски репрезентативец, а сега хрватски, Бојан Влакевски (636), додека за Задар куглаше македонскиот репрезентативец со словенечко потекло Борис Бенедик (637). Во женска конкуренција, Македонија немаше претставници.
Во ЛШ системот е таков што осум екипи се носители и не можат да се сретнат во првата фаза, а преку ждрепка се добиваат двојките. Се игра дома-гости до фајнлфорот, а потоа завршницата е на едно место. Г.И.