- Џанлука Луизи предизвика вознес кај битолската публика со маестралната интерпретација на Шопеновата музика
Заврши 34-то издание на „Интерфест“ – Битола. Фестивалот беше отворен со музиката на Карл Орф, кантатата „Катули Кармина“, во изведба на најстариот македонски мешан хор „Стив Наумов“ и Камерниот оркестар на Битола. Возбудливото дело инспирирано од поемите на римскиот поет Катулус беше донесено со жар, со огромно внесување на сите учесници. Сопранот Билјана Трајковска со прекрасна боја на гласот и рафинирана изведба, тенорот Саша Арсенков од Ниш со студиозно донесена интерпретација и извонредна дикција, хорот под раководство на Лилјана Трајковска-Димевски сериозно подготвен максимално во сите делници и Камерниот оркестар со двете пијана, со страсно залагање на диригентот Владимир Димовски, кој ја канализираше енергијата на сите учесници во еден извонреден, ретко виден вокално-инструментален настан.
Гитаристот Адмир Дочи од Албанија/Италија, професор на Универзитетот во Лугано, одржа незаборавен концерт на гитара со тринаесет жици. Извонредното техничко мајсторство, магичниот тон, музикалноста и совршено прецизната интонација овозможија музиката на Сор инспирирана од Моцарт, делата на Албениз и Доминикани, да се доживеат во целата убавина.
На 4 октомври, Националниот камерен оркестар на Битола одржа значаен концерт на кој беа одбележени 100 години од раѓањето во Битола на големиот македонски композитор Кирил Македонски. Тоа беа делата за гудачки оркестар: Адаџо и „Старогрчки концерт“ – изведен премиерно, кои битолската публика ги награди со акламација. Пишувано со извонреден јазик, Адаџото донесе раскошна мелодика инспирирана од македонскиот фолклор, додека „Грчкиот концерт“ со современ јазик, со полифони елементи и апартна хармонија ја воодушеви публиката. Како солист со оркестарот настапи реномираниот виолинист од Виена, Гернот Винишхофер, кој со својот виртуозитет и исклучителна музикалност ги изведе делата од Пабло Сарасате: „Виенско Капричо“, „Романса Андалуза“ и „Фантазија Кармен“ (Жорж Бизе), со кои успеа да го донесе духот на шпанската музика.
Дуото „Две пијана“ составено од Мартина Џордани и Илариа Костантино со концертот на 5 октомври ја покажа долгата традиција на камерно музицирање во Италија. Почнувајќи со Моцартовата Соната K. 448, продолжи со дела од Шаминаде, Ж. Тајофере, Д. Мијо – „Скарамуш“. Евидентни беа префинетоста, изедначеноста и бриото во техниката на италијанските пијанистки, како и постигнатиот динамички баланс меѓу двете пијана.
На 6 октомври во рамките на „Подиум на млади“ настапија осум млади талентирани ученици на Државното музичко училиште на Битола. Интересна програма, конципирана да се чуе успехот на класите по пијано, виолина, хармоника, соло-пеење, удиралки и кларинет.
Вокално-инструменталното трио од Ниш, Србија, ја воодушеви битолската публика. Сопранот Јелена Јовановиќ со моќен волуменозен глас изведе арии од Маскањи и Штраус, како и наполитански песни со сценски шарм. Еден од најдобрите обоисти во регионот, Владимир Везенковиќ, со извонредна техника и особена музикалност ги изведе Соната од Стојан Стојков, Хабанера од Равел и Романса од Шуман на највисоко уметничко рамниште. Пијанистот Александар Младеновиќ беше достоен уметнички соработник во текот на целата програма.
Во традицијата на „Интерфест“ е настап на Битолскиот народен театар. На 8 октомври беше изведено делото „Едмонд“ од американскиот писател Дејвид Мемет во режија на Оливер Мицовски. Актерот Огнен Дранговски длабоко проникна во ликот на американскиот бизнисмен, кој во потрага по „слобода“ станал убиец. Видовме маестрална улога со неверојатна, вибрантна мимика и гест и фасцинантна трансформација.
Триото „Хоризонти“ од Швајцарија презентираше музика од Северна и Јужна Америка. Ерик Ивејзен со композицијата „Трио“ му овозможи на овој невообичаен камерен ансамбл заеднички настап што беше донесен со енергија и компактност. Флејтистката Суа Чанг (Јужна Кореја) ја изведе суитата „Историја на тангото“ од А. Пиацола музикално, со сонорен тон; пијанистката Тереза Сантос Мартинез, технички прецизно и со невиден темперамент изведе дела од Момпу и Гинастера, а Зоран Казаков ја донесе Сонатата за труба и пијано од Р. Дејлеј со техничка и интонативна прецизност.
Свеченото затворање на 10 октомври претставуваше врв на „Интерфест 2025“. Исклучителниот пијанист од Италија Џанлука Луизи предизвика вознес кај битолската публика со маестралната интерпретација на Шопеновата музика. Врвен, блескав виртуозитет, извонредно нијансирање, рафиниран тон, како во лирските така и во драматичните бравурозни делови со моќни акорди и пасажи. Длабоко доживеано, со емоции и страст тој ги изведе Шопеновите ремек-дела: Четирите балади, Скерцо оп. 39 бр. 2, Валсот во цис-мол и Полонезата „Ероика“ оп. 53. Како бис тој додаде две композиции од Ј.С.Бах. Куриозитет е дека Џанлука Луизи од Битола заминува за Берлин, каде што на 19 октомври со Берлинска филхармонија ќе го изведе Концертот бр. 2 од Сергеј Рахманинов.
Милица Шперовиќ-Рибарски