ПРЕД ЕВРОПСКИОТ КЛУПСКИ КУП ВО ШАХ
- Ние секогаш одиме на медал и ретко се случува како лани да има две непоразени екипи на крајот од турнирот, но факт е дека и годинава ќе одлучуваат многу фактори, како на пример моменталната инспирација, свежината…, вели капитенот на тимот, ВМ Влатко Богдановски
Еден од најважните шаховски настани во текот на годината е Европскиот клупски куп (ЕКК), турнир што традиционално се одржува кон крајот на сезоната, но кој претставува епицентар на шаховските збиднувања поради интересот што го побудува и квалитетот што го нуди. Популарно наречен шаховска верзија на Лигата на шампионите, ЕКК секоја година го собира кремот, но не само од Европа. Шаховскиот клуб Алкалоид неколку децении го гради својот имиџ доминирајќи на домашно тло, а веќе има и повеќедецениска традиција на учество на ЕКК, при што трипати беше освојувач на медали, во 2016 година беше шампион на Европа, а во 2017 и во 2024 година вицешампион. Евидентни и јасно се видливи управувањето и водењето на клубот од најдобрата македонска компанија „Алкалоид“ АД со пресликување на корпоративните искуства и знаења во клубот.
Годинава на грчкиот остров Родос ќе се игра јубилејното 40. издание на главниот/отворен ЕКК (може да учествуваат машки, мешани и женски тимови), на кое е пријавен и Алкалоид, а паралелно ќе се игра и 29. издание на женскиот ЕКК (учествуваат само женски тимови). Според објавените состави, годинава конкуренцијата за највисок пласман на ЕКК е најсилна во последните десетина години. Пет тима се издвојуваат според просечниот рејтинг на играчите од својот тим, притоа со повеќе од 2.700 рејтинг-поени се БајеганПендик (Турција) и Алкалоид, а веднаш до нив со просечен рејтинг над 2.600 поени се Супер Чес (Романија), Нови Бор (Чешка) и Тухера (Унгарија). Фактор повеќе е што годинава има рекорден број учесници, 101 тим (20 кај дамите), велат од ШК Алкалоид.
– Во тимот на ШК Алкалоид има само две измени, а ќе настапат велемајсторите (ВМ) од Индија Арјун Еригаиси (2.797), Читамбарам Аравинд (2.711) и Абхиманју Пураник (2.615), ВМ од Кина Ји Веи (2.754) и Јангји Ју (2.720), ВМ од Србија Александар Инџиќ (2.618) и Велимир Ивиќ (2.628), како и македонскиот ИМ Тони Лазов (2.382). Еригаиси и Веи се во топ 10 од светската елита, Ју и Аравинд во топ 30, а Инџиќ, Ивиќ и Пураник во септември беа во топ 100, пишува ШК Алкалоид. Ју има фантастичен настап за Алкалоид на ЕКК со освоени пет медали (три злата и две бронзи) за резултатот на својата табла, на своите први настапи лани за Алкалоид, Еригаиси на првата табла освои злато, а Аравинд бронза на четвртата табла. Српските шахисти, како репрезентативци ја освоија европската шампионска титула во 2023 година, а Инџиќ следната година стана европски шампион во поединечна конкуренција. За Алкалоид настапуваа и на екипните државни првенства во 2021 година (Инџиќ), односно во 2023 година (Ивиќ). Првпат за алкалоидовата екипа на ова најсилно европско клупско натпреварување ќе настапат Пураник и Лазов – објаснува капитенот на тимот, ВМ Влатко Богдановски.
Вака компонираниот тим на ШК Алкалоид првично имаше највисок рејтинг (2.701) според септемвриската листа на ФИДЕ, но во октомври ситуацијата се промени, па сега турскиот клуб БајеганПендик е во минимална предност со нешто повисок рејтинг (2.711). Минатогодишните ривали, кои беа први носители, Супер Чес и актуелниoт шампион Нови Бор, заедно со другите добро познати и мошне силни клубови од Унгарија, Израел, Азербејџан и од Турција, ја заокружуваат листата на клубови со високи амбиции, но и со еднакво талентирани шахисти во своите состави. Така, актуелниот светски првак Домараџу Гукеш (2.752) ќе биде дел од тимот на Супер Чес, Аниш Гири (2.759) ќе го предводи БајеганПендик, а Винсент Кејмер (2.755), кој, исто така, е дел од топ 10 според рејтингот, ќе игра за Нови Бор.
– Архитектурата на нашиот состав е обмислена и соодветно селектирана, па ја имаме онаа хомогеност што ја посакуваме. Алкалоид не е клуб што наддава на отворениот пазар, туку доаѓа до најдобрите благодарение на својот сериозен пристап и на посветеноста, кои се манифестираат со длабока аналитичност при изборот и водењето на тимот на ЕКК. Очекувам Пураник да се вклопи во тимот и да го даде својот максимум, со што би го постигнале посакуваното ниво. Како и секогаш, просечниот рејтинг не одлучува и од пракса знаеме дека конкурентите се во ситуација рамноправно да се борат за врвот. Ние секогаш одиме на медал и ретко се случува како лани да има две непоразени екипи на крајот од турнирот, но факт е дека и годинава ќе одлучуваат многу фактори, како на пример моменталната инспирација, свежината… За Лазов е мошне важно неговото шаховско созревање, но и тоа да ја почувствува атмосферата на ова најсилно европско натпреварување. Очекуваме во иднина да ја освои и велемајсторската титула по минатогодишната титула државен првак и по освоениот медал на Олимпијадата на својата табла. Во секој случај, се надеваме и посакуваме да ја оправдаме поддршката што ја добиваме и да ја продолжиме успешната низа со нов медал – рече Богдановски.
Ако погледнеме назад и ако направиме анализа и споредба на успешноста во европски рамки, Алкалоид се вбројува меѓу 10-те најуспешни европски клубови во историјата на овие натпревари. Кога станува збор за најсилното државно екипно првенство, екипата е со фантастичен резултат од 13 шампионски титули во низа, односно вкупно 27 од 33 првенства (од 1992 до 2025 година). Со одличните резултати во државни и во европски рамки, шаховскиот клуб се вбројува во неколкуте најуспешни спортски клубови во македонската историја.
Мечевите од првото коло на ЕКК се на 19 октомври од 15 часот по локално време. Темпото на игра е 90 минути за првите 40 потези, со додавање уште 30 минути, информираат од ШК Алкалоид. Г.И.