ШАХ – МЛАДИНСКО СП 2025
Цел поен за Стефаноски во осмото коло
Со ремито против ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Монголија, Хишигбат Улзикишиг (2.312, рангиран 49-ти пред почетокот на турнирот), репрезентативецот ФМ Антон Златков (2.351, 33-ти) засега е најуспешен македонски претставник по осум кола на Светското првенство (СП) за младинци во шах во Албанија, кое се игра во возрасните категории до 14, 16 и 18 години, за момчиња и за девојчиња. Златков е 35-ти со 4,5 поени, во категоријата до 18 години на три кола до крајот на СП 2025. Во истата категорија на 36. место засега е ЖФМ Моника Жежовска (1.966, рангирана 29-та) со четири поени. Таа во ова коло загуби со бели фигури од Маријана Лобо (1.822, 56-та) од Панама.
Во категоријата до 16 години, Мајкл Бурнс (2.131, 68.) со црни фигури е поразен од Нермин Хатибовиќ (1.70, 127.) од БиХ, и е 124-ти со 2,5 поени, а Делфина Огњановска (1.610, 97.) со бели фигури го подели поенот со Пеи Хуан Ву (1.524, 104.) и е 103-та со 2,5 поени. Во категоријата до 14 години, единствениот цел поен го освои Даниел Стефаноски (1.833, 97.), кој со бели фигури го надигра Лудвиг Влах (1,683, 126.) од Луксембург и со 3,5 поени е на 97-то место, а Елисавета Бурнс (1.494, 95.) со бели фигури ремизира со Маргарида Рибеиро (1.577, 86.) од Португалија.
На СП 2025 во сите категории играат вкупно 719 младинци (четири ВМ, 23 ИМ, 16 ЖИМ, 108 ФМ, 49 ЖФМ) од 83 држави. Г.И.
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Вермерш стана светски првак во трка на макадам
Белгискиот велосипедист Флоријан Вермерш (26) го освои златниот медал во трката на макадам, долга 120 км, во рамките на Светското првенство (СП) во Мастрихт (Холандија). Тој освои сребрени медали во трката на макадам во претходните две години, а еден од неговите најдобри резултати во друмски велосипедизам беше во 2021 година, кога беше втор на еднодневната трка Париз-Рубе.
– Беше навистина хаотичен почетокот и по 10 км ми се скина гума. Но, за среќа, 20 км подоцна можев да се вратам во пелотонот. Не видов многу од пелотонот, секогаш бркав или бев напред. Потоа, откако се извлековме со три, а на крајот со четири, знаев дека има само еден пат до целта – рече славеникот Вермерш, пишува „Вело“.
Сребрениот медал го освои Холанѓанецот Фриц Бистербос со 40 секунди задоцнување, а бронзениот медал му припадна на словенечкиот велосипедист Матеј Мохорич. Бранителот на титулата од минатата година, Холанѓанецот Метју ван дер Пол, не учествуваше на ова СП. Г.И.
АТЛЕТИКА
Киплимо и Фејса беа најбрзи на маратонот во Чикаго
Атлетичарот од Уганда Џејкоб Киплимо победи на маратонската трка што се одржа во Чикаго (САД), со време од два часа, две минути и 23 секунди. Со тоа тој стана седмиот најбрз маратонец во историјата. Решавачката предност ја стекна на 30-от км, а на околу осум километри до крајот имаше предност од една минута. Киплимо е светски рекордер во полумаратон, го трчаше својот втор маратон, а дебито на маратонска трка го имаше годинава во април во Лондон (2:03,37 часа). Кениецот Амос Кипруто е втор (2:03,54 ч.), а неговиот сонародник Алекс Масаи помина трет низ целта (2:04,37 ч.). Кај маратонките во Чикаго победи Етиопјанката Хави Фејса (2:14,56 ч.). Нејзината сонародничка Алему Мегерту го освои второто место (2:17,18 ч.), а Магдалена Шири од Танзанија е трета (2:18,03 ч.). Г.И.
ТЕНИС – МАСТЕРС-ТУРНИР ВО ВУХАН
Победничкиот пехар за Коко Гоф
Американската тенисерка Коко Гоф (треторангирана во светот) во финалето на мастерс-турнирот од серијата 1.000 во кинескиот град Вухан, во возбудлив меч ја совлада сонародничката Џесика Пегула (рангирана шеста) со 6-4 и 7-5 за 104 минути игра. Во првиот сет Гоф победи со 3-0, но Пегула (која ја eлиминираше во полуфиналето првата фаворитка, Арина Сабаленка од Белорусија) израмни на 4-4, поведе o 5-4, а сервираше и за сет, но не успеа да го добие шестиот гем. Во вториот сет, кој имаше многу изгубени сервиси, Пегула поведе со 3-0, но сега Гоф се врати во игра, израмни на 3-3, а по голема борба, Гоф славеше со 7-5. Со освојувањето на турнирот Гоф заработи 596.000 долари, а на Пегула ѝ припаднаа 351.003. Г.И.