Сведоштва за херојскиот подвиг од учесниците во оружената борба во Прилеп
Единаесетти октомври е светол празник во современата македонска историја, ден што е судбински врзан со Прилеп, каде што со партизанските истрели Македонците покажаа дека можат да се борат за своја слобода и држава. И навистина се изборија. Во книгата „Победничкиот истрел – 71 година од утрешнината“ од авторката Елизабета Митреска, во еден запис што ја отсликува целата состојба на 10 октомври спроти 11 октомври во 1941 година, драмскиот автор Коле Чашуле запишал дека „на смртта гледавме како на награда“.
„Со денови се подготвуваме за акцијата. Сите. Ги стискавме в раце револверите, кога ќе се доберевме до нив, со надеж дека токму ние и токму со тој револвер ќе го означиме востанието, ги пребројувавме пак и пак недобројно малкуте куршуми и пред очите гледавме како секој од нив соборува, не еден, туку стотици непријатели, а на оние што имаа бомби гледавме како на нешто повисоко и се однесувавме кон нив со завист. Дојде акцијата. Ги чекавме тие што не успеаја да стигнат. Во душите сакавме да нѐ стигнат, зашто знаевме, ако стигнат тие, ќе треба некои од нас да изостанат. Лежевме стиснати во карпите и молчевме. Зборовите ќе нѐ одделат од тоа што го смислувавме, мислевме. Не е тешко да се погоди што мислат и смислуваат усвитени деветнаесетгодишници што тргнале против светот. Најпосле, штабот ја соопшти распределбата. Ние одевме на акција, повеќето остануваа. Никогаш нема да ја заборавам разделбата. Се стуткавме низ карпите, не знаевме што да сториме, каде да застанеме, што да речеме. Сакавме само едно: што побрзо да се оддалечиме од местото, да се спуштиме кон градот, зашто тие што не стигнаа, секој момент можеше да стигнат, зашто штабот можеше да се премисли и да го врати некого од нас, а на негово место да испрати некој друг. Тие што остануваа стоеја и немо гледаа во нас. Беше мрак, не можеше да се различи дали беа бледи или не. Но, јас сум сигурен сите беа бледи, дека срцата им беа стегнати до препукнување. Денес кога мислам на тоа нивно немо стоење во мракот, на тие нивни сведени погледи, за таа стегната болка во градите, мислам дека вистинските јунаци таа вечер беа тие. Да, тие што остануваа. Не ние, што слегувавме в град да ја извршиме акцијата. За нас тоа слегување значеше награда. Та, ние го добивме тоа што го сонувавме, да бидеме оние, што пресреќни, ќе ја извршиме акцијата. Можеше и да загинеме, да не се вратиме од тоа тргање, но кој мислеше на тоа. Не ќе е претерано ако речам дека во тие мигови ние и на смртта гледавме како на награда. А, тие остануваа! Остануваа да го издржат најтешкото. Да го обелоденуваат запрениот од на времето, да се вслушуваат во молковите на планината, да откорнат крик од себеси при првите истрели, да го доископаат најгорчливото – дека не само што не им е дадено да ја изборат акцијата, туку ни да умрат во неа. Некој рече – да се прегрнеме. Се прегрнавме. Одредија на акција да тргнам без пушка. Затоа ги стискав околу тие што останува рацете до болка. И брзав веднаш да се откинам. Тогаш сетив дека во лицето ми остана трага од нечии очи, од нечии влажни очи. Не го видов во мракот кој беше. И подобро. Да го видев можеби немаше до денес трагата на неговите влажни очи да ја сеќавам врз образов. Но, знам дека од нас двајцата – тој беше јунак. Јас – само оној кому му се насмеала среќата. Токму затоа би сакал во овие часови, тој и сите оние кои останаа неми во студенилото на карпите да не бидат поттурнати и заборавени. Затоа што, таа вечер, не беше само на овие што слегоа во акцијата. И не е –до ден денеска. Туку на сите“, запишал Чашуле.
Вера Ацева, народен херој, која таа вечер била кај Ѓоре Дамески, забележала „нашите успеаја“.
„Одеднаш – силна експлозија. Бомба. Уште една. Гледам на часовникот – точно е 22 часот и 2 минути. Готово, почна!… Силно ми чука срцето. Чинам дека од радост ќе ми излета од градите… Беше еден часот по полноќ. Пукотниците не стивнуваа. Го блокираа градот… До утрото на 12 октомври градот беше стегнат како во менгеме од фашистичката војска. Пред секоја порта речиси еден до друг со штикови на пушките беа наредени и стоеја војници. Екипи, составени од полиција, агенти, војска, која ќе ја претресе секоја куќа во градот…“, забележала Ацева.
Прилеп на 12 октомври таа 1941 година осамнал под незапамтена воена и полициска блокада. Први жртви биле граѓаните што излегле од своите домови, а и оние што требало да бидат уапсени. Близу илјада биле притворени, но духот не е им бил скршен. Желбата за слобода била голема. Во четиригодишната битка со окупаторот се донесе слободата, се создаде македонската држава.
Меморијалниот музеј – паметник на славното минато
Еден од паметниците од тој период е меморијалниот музеј „11 Октомври“, кој тогаш бил полициска станица. Значаен споменик на културата, кој ја раскажува историјата, за тоа што се случило на 10 октомври спроти 11 октомври 1941 година, кога пукнала првата пушка и започнало народното востание. Зградата е значаен објект, во кој посетителот кога ќе влезе ќе се запознае со минатото, ама од денешен аспект музејот говори не само за сегашноста туку и за иднината.
Зградата во која е сместен музејот е од 20 век. Нема податоци кој и зошто ја изградил. Во еден период бил вински ан, а во време на Втората светска војна бил полициска станица – участок. По ослободувањето, по 1945 г., тука била сместена народната милиција, а еден краток период бил и седиште на комунално претпријатие. Во 1952 година тука била поставена музејска поставка со фотографии и документи. Подоцна е отворен прилепскиот музеј на НОВ. По повод 20 години од востанието, во 1961 година, зградата е адаптирана за позначајна музејска поставка, која дополнително содржински била збогатена и претворена е во меморијален музеј „11 Октомври“. Во 1971 година, повторно е преуредена и збогатена со нови содржини. Во 80-тите години од 20 век се направени поголеми градежни зафати и објектот е реновиран за да биде поставена новата музејска поставка и да биде отворена на 10 октомври 1983 година.
Од 2003 година објектот заедно со музејската поставка е прогласен за споменик на културата, а во 2011 година, по повод 70 години од востанието, комплетно е реновиран објектот со средства од Министерството за култура и од Општина Прилеп. Музејот има 24 паноа со голем број текстови, над 180 фотографии, документи, карти, скици и планови, извадоци од весници, повелби. Има разни видови оружје и воена опрема сместени во витрини. Содржините во музејот сведочат за едно славно минато на македонскиот народ богато со настани, личности, дела… Тука е новиот орден со кој Прилеп е прогласен за град херој. Ка.М.