Поради зголемувањето на примената на вештачката интелигенција (ВИ) во многу деловни сфери, како што се автономните роботи за достава и таксијата без возач, многу е лесно да се замисли дека во иднината ВИ ќе замени некои работни места. Во прилог на тоа сведочи и извештајот на институтот „Мекензи глобал“, според кој до 2030 година дури 30 проценти од работните места во американската економија би можеле да станат автоматизирани.
Марко Миневич, познатиот експерт за вештачка интелигенција, кој неодамна објави нова книга на оваа тема, со наслов „Нашата планета ја движи вештачката интелигенција“, се согласува со ваквите предвидувања. Тој за американскиот весник „Сан“ објасни дека верува дека роботите наскоро ќе преземат пет професии.
– Работите за кои верувам дека се во опасност да бидат заменети од ВИ во наредните години се касиерите, телемаркетерите, возачите на камиони, книговодителите и радиолозите – нагласува Миневич.
Тој вели дека касиерите вработени во супермаркетите и трговскиот сектор се ранливи групи, бидејќи компаниите како „Амазон“ вложија средства во автоматизираната трговија.
– Телемаркетингот е зрел за промени преку разговорна вештачка интелигенција и четботови што можат да бидат многу уверливи – вели овој експерт.
Тој додава дека голема промена исто така очекува и кај возачите на камиони, кои ќе се соочат со голем пресврт – пораст на автономни возила, што ќе загрози милиони работни места низ светот.
– Книговодствените и сметководствените улоги се состојат од повторливи задачи со многу податоци, кои наскоро ќе ги решаваат алгоритмите – продолжува Миневич.
Тој исто така верува дека професиите како што е радиологијата наскоро може да бидат заменети со вештачка интелигенција.
– Дури и специјализираните професии како што е радиологијата може да бидат заменети со ВИ, со алгоритми за длабоко учење, кои веќе одговараат на човечките перформанси или дури ги надминуваат – вели Миневич.
Тој објасни дека луѓето треба да се фокусираат на развојот на креативни способности, кои вештачката интелигенција најтешко ќе може да ги реплицира.
– Како да избегнеме да бидеме заменети од вештачка интелигенција? Клучно е луѓето да се фокусираат на развој на своите најприродни способности – креативноста, емоционалната интелигенција, флексибилноста и стратешкото размислување. Професиите што вклучуваат создавање идеи, односите со луѓето и донесувањето сложени одлуки ќе бидат најтешки за вештачката интелигенција – заклучува тој.