Претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа е неповреден откако беше нападнато неговото возило за време на протестите на локалното население во јужниот дел на земјата.
Околу 500 луѓе фрлале камења и други предмети врз конвојот на претседателот Нобоа во село на Андите.
Министерот за одбрана Џан Карло Лофредо изјави дека „агресијата, со која беше нападнат конвојот покажува дека станува збор за јасен обид за атентат и терористички чин врз претседателот“.
Генералниот секретар на Организацијата на американски држави, Алберт Рамдин, остро го осуди нападот, оценувајќи го како „загрозување на демократијата“. Тој ги повика Еквадорците да се придржуваат кон мирен дијалог.
Во неколку еквадорски провинции протести и блокади на патиштата се одржуваат од 22 септември, на повик на најголемата домородна организација во земјата, како одговор на укинувањето на субвенцијата за дизел гориво, чија цена се зголеми од 1,80 долари на 2,80 долари за галон (3,8 литри). Од почетокот на протестите, еден демонстрант беше застрелан, 16 војници беа земени како заложници, но подоцна беа ослободени, а околу 150 луѓе, вклучувајќи цивили, полицајци и армија, се повредени.
Еквадор поради зголемување на цените на горивата се соочи со протести и во 2019 и во 2022 година. По протестите властите се откажаа од зголемувањето на цената.