Фото: принтскрин / Илустрација

Војната во Украина не само што одзеде десетици илјади животи и принуди милиони луѓе да ги напуштат своите домови, туку предизвика и огромна штета врз климата, пренесе ДПА.

Според студија на Иницијативата за пресметка на стакленички гасови во војна (IGGAW), објавена денеска, од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, војната има емитувано онолку штетни стакленички гасови колку што заедно испуштаат Австрија, Унгарија, Чешка и Словачка во текот на една година.

Според истражувањето, вкупните емисии од војната достигнале 237 милиони метрички тони јаглерод диоксид (CO₂) еквиваленти, мерка што се користи за споредување на ефектите од различните видови стакленички гасови.

Околу една третина од емисиите се резултат на самите борбени дејствија, како на пример од тенкови, авиони и друга воена техника кои трошат огромни количини дизел и керозин.

Дополнителен фактор се пожарите во шуми и грмушести подрачја предизвикани од војната. Извештајот на IGGAW наведува дека погодената површина со пожари во 2024 година била повеќе од 20 пати поголема од просекот за периодот 2006 – 2021, со тоа што најголемиот дел од пожарите беснееле долж фронтот или во пограничните области.

Климатолозите забележале и невообичаено суво лето во 2024 година, што делумно го припишуваат на засиленото глобално затоплување, а тоа дополнително ги разгорело пожарите. Поради воените дејствија, гаснењето пожари било речиси невозможно, па огнот често се ширел неконтролирано.

Истражувачите наведуваат дека 2024 година покажува како климатските промени и вооружените конфликти меѓусебно се засилуваат и го забрзуваат глобалното затоплување.