Криза на кредибилитетот на Европската Унија во Западен Балкан

  • Брисел го претставува проширувањето како доказ за трансформативната моќ на Европа, но неговиот неуспех за исполнување на ветувањата го поткопува тоа. ЕУ не може веродостојно да проповеда демократија, владеење на правото и отпорност во странство додека толерира стагнација во своето соседство

Шесте земји од Западен Балкан остануваат заглавени во чекалницата за членство во Европската Унија. Преговорите забавија до состојба на „лазење“, попречени од заморот од проширувањето во европските престолнини, вознемиреноста од имиграцијата и стравот дека новите членки ќе го парализираат веќе мачното носење одлуки во европскиот блок. Она што ѝ е потребно на ЕУ е диференциран пристап кон проширувањето – што наградува вистински напредок, казнува корупција и опструкции и ја признава интеграцијата како политички избор, а не како бирократски ритуал.

Сегашниот процес го заробува регионот во неизвесност. Системот на „поглавја“ на ЕУ, со своите густи правни критериуми, дава впечаток за напредок, но во пракса го претвори пристапувањето во фарса со „трофеи за учество“. Лидерите од Западен Балкан затвораат поглавја, присуствуваат на самити и издаваат соопштенија – но хоризонтот на полноправно членство продолжува да се намалува.
Цената на ова одложување расте. Младите луѓе масовно заминуваат, исцрпувајќи го регионот од таленти и уништувајќи ја неговата средна класа. Реформите во правдата и борбата против корупцијата го губат моментумот кога владејачките елити препознаваат дека членството нема да се материјализира во рамките на нивните кариери, ефикасно заклучувајќи ги постојните структури на моќ. Во меѓувреме јавната доверба во демократските институции се намалува, поттикнувајќи популистички наративи дека ЕУ нема намера некогаш да ги отвори своите врати.
Брисел го претставува проширувањето како доказ за трансформативната моќ на Европа, но неговиот неуспех за исполнување на ветувањата го поткопува тоа. ЕУ не може веродостојно да проповеда демократија, владеење на правото и отпорност во странство додека толерира стагнација во своето соседство.

  • Одговорноста за оваа жална состојба лежи надвор од Западен Балкан. Системот на „поглавја“ на Унијата создава илузија за аполитичен процес, но лидерите од двете страни на поделбата на членството знаат дека пристапувањето е фундаментално политичко. Националните вета историски го нарушија процесот: Бугарија ја блокираше Македонија поради јазичен спор, додека Словенија претходно ги искористи билатералните територијални спорови за да ја попречи Хрватска

Секое прекршено ветување, секое одложено дејство ја намалува предноста на Унијата, сигнализирајќи им на потенцијалните членки дека реформите можеби нема да бидат наградени, а на конкурентските сили дека заложбите на Европа може да се игнорираат.
Со пристапувањето како подвижна цел, лидерите низ регионот се осигуруваат. Србија ги продлабочи своите енергетски врски со Русија, додека купуваше кинески системи за надзор. Милорад Додик во Босна отворено ѝ се додворува на Москва, ги блокира реформите и флертува со отцепување. Во меѓувреме, Црна Гора виде како заемите од „Појас и пат“ создаваат предност за Кина во рамките на членка на НАТО. Секоја година одложувањето им дава на Русија и на Кина нови можности да ги зацврстат своите позиции во регионот, искористувајќи ја нејасната постапка на проширување, и администрацијата во Вашингтон е сè повеќе во конфликт со Брисел околу Русија.
Одговорноста за оваа жална состојба лежи надвор од Западен Балкан. Системот на „поглавја“ на Унијата создава илузија за аполитичен процес, но лидерите од двете страни на поделбата на членството знаат дека пристапувањето е фундаментално политичко.
Националните вета историски го нарушија процесот: Бугарија ја блокираше Македонија поради (наметнат н.з.) јазичен спор, додека Словенија претходно ги искористи билатералните територијални спорови за да ја попречи Хрватска.
ЕУ не може да продолжи да дозволува овие парохиски интереси да го диктираат темпото на проширување. Третирањето на шесте земји од Западен Балкан како инфериорни партнери – во суштина како пиони на европската шаховска табла – само ги засилува анти-ЕУ чувствата. Во Србија, најнапредната од економиите на шесторката од Западен Балкан, поддршката за пристапување достигна нов мизерен пад: само 33 отсто го одобруваат пристапувањето кон ЕУ. Членките што се за пристапување мора да ги повикаат и да ги ограничат овие расипувачи во самиот блок или ризикуваат да го гледаат процесот на пристапување како се урива одвнатре.

Таа перспектива повеќе не е хипотетичка. Војната во Украина ги поттикна лидерите да ги забрзаат преговорите за пристапување со Украина и Молдавија. Гестот имаше тежина, но исто така ги зголеми очекувањата во Тирана, Подгорица и во Скопје. Суровата вистина е дека земјите под делумна окупација нема да ѝ се приклучат на Унијата наскоро. Затоа, Брисел мора да им даде приоритет на кандидатите што се поблиску во редицата, а сепак да им понуди опипливи стимулации – пристап до пазарот, финансирање, мобилност – на оние што чекаат на крилјата.
Напредок е постигнат: Планот за раст на ЕУ за 2023 година ветува шест милијарди евра во грантови и заеми поврзани со реформи, Црна Гора сега се стреми кон влез во 2028 година, а Албанија во 2030 година. Но, овие маркери остануваат еластични, склони кон одложување и често се заложници на билатерални спорови. Доколку Брисел не утврди вистински рокови и не ги спроведе, проширувањето ќе продолжи да изгледа како подвижна (тешко достижна) цел и земјите од Западен Балкан на крајот – ќе се откажат.
Избегнувањето на оваа судбина бара три чекори.
Прво, разликување меѓу аспирантите: Албанија, Македонија и Црна Гора, кои со одредена разлика постигнаа најголем напредок, заслужуваат појасни временски рокови и придобивки, додека заостанатите држави треба да се соочат со реални последици за корупцијата.
Второ, соочување со „расипувачите“ со санкционирање лидери како Додик и лидерот на босанските Хрвати, Драган Човиќ, кои активно работат против европските интереси, а наедно јасно ставање до знаење дека одредени земји членки не можат да го „киднапираат“ проширувањето за да извлечат тесни отстапки.
Трето, враќање на политичката сопственост: Проширувањето не е технократска вежба…
Западен Балкан нема да чека засекогаш. Одложувањето ги зајакнува нелибералните актери. Забрзаното, диференцирано и политички контролирано проширување не е подарок за демократиите со недостатоци. Тоа е најефикасната алатка што ја има Европа за да ја обликува својата траекторија и да ја заштити сопствената иднина…

Пабло Расмусен е директор во консултантската фирма „Бжежински глобални стратегии“. Роберт Бенсон е заменик-директор за национална безбедност и меѓународна политика во Центарот за американски
напредок