Фото: ЕПА

ТЕНИС – АВСТРАЛИЈА ОПЕН

Аматерските тенисери ќе имаат шанса да освојат еден милион австралиски долари кога ќе се соочат со врвните професионалци во тенисот, во мечевите со еден поен пред почетокот на гранслем-турнирот Австралија опен во јануари в година, пишува „Би-би-си“. Организаторите на првиот гранслем во годината го најавија „Гранслемот од еден поен“ вреден еден милион долари, на кој ќе се соочат 10 аматерски играчи против 22 професионалци на нокаут-турнир во Мелбурн Парк.
Тенисерите ќе играат „камен, хартија, ножици“ за да утврдат кој сервира, а кој и да го освои поенот ќе продолжи во следната рунда. Победникот на настанот ќе освои еден милион американски долари. Играчите што стигнаа до полуфиналето на главниот турнир во машка или во женска конкуренција на Отвореното првенство на Австралија годинава освоија 1,1 милион австралиски долари, пишува „Би-би-си“. Отвореното првенство на САД организира обновен, самостоен турнир во мешани двојки во август, кој ги охрабри најдобрите играчи во поединечна конкуренција да учествуваат, а победниците добија еден милион американски долари. Австралија опен годинава го одржа својот прв турнир „Гранслем од еден поен“, а наградниот фонд беше 60.000 австралиски долари.
– Без разлика дали сте аматер или професионалец, конечниот победник ќе замине со наградата. Пријавите наскоро ќе бидат отворени во клубовите во целата земја – рече директорот на Австралија опен, Крег Тили, пренесе „Би-би-си“.
На годинашното издание, на професионалците им беше дозволено да сервираат еднаш, а на аматерите двапати, како што е норма во традиционалниот тенис. Годинава ќе има пет нокаут-рунди и местото на одржување ќе биде арената „Род Лејвер“. Финалните фази ќе се одржат во ноќна сесија. Н.М.