Под слоганот „Стоп на геноцидот – Маршираме за Палестина“ денеска во Скопје се одржа протестен марш во знак на солидарност со палестинскиот народ и осуда на воените злосторства и опсадата на Газа.
Како што соопшти организаторот – иницијативата „Сите за Палестина“, стотици граѓани се собраа пред споменикот „Симфонија на мирот“ од каде што маршот тргна кон зградата на Владата.
Организаторите на маршот нагласија дека „настанот е дел од глобалното движење на отпор и солидарност, кое има цел да го прекине молкот на меѓународната заедница и да изврши притисок врз владите да преземат конкретни чекори против израелската окупација и геноцидот“.
– Нивната мака е огледало на нашата македонска мака. Нивната борба за парче сопствена земја е истата борба што нашите дедовци ја воделе, а ние и денес ја продолжуваме – порача еден од говорниците на протестот.
– Како што Македонија беше распарчена по војните, така и Палестина денес е окупирана и поделена. Болката на палестинската мајка е иста со болката на нашите баби прогонети од Егеј – беше кажано на протестот.
Говорниците потсетија и на историската поврзаност меѓу македонската борба за самоопределување и палестинската борба за државност.
– Нашата историја не учи колку е болно кога светот е нем за твојата неправда. Затоа, не смееме да молчиме за Палестина. Да покажеме дека го разбираме страдањето и дека стоиме рамо до рамо со сите обесправени народи во светот – истакна друг говорник.
Во соопштението се наведува дека „организаторите остро ја критикуваа македонската надворешна политика, која и покрај мнозинството во меѓународната заедница, сè уште не ја признава државата Палестина“.
Маршот заврши пред зградата на Владата со повици за признавање на Палестина и конкретна политичка акција. Организаторите најавија дека овој марш е „дел од поширока кампања за политички притисок и јавна мобилизација“.