АНАЛИЗА: ЗОШТО НЕКОИ ЗЕМЈИ ЧЛЕНКИ СЕ СТРЕМАТ ДА ЈА ОГРАНИЧАТ ТОЛКУВАЧКАТА МОЌ НА ЕВРОПСКИОТ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА?
- Во отворено писмо од 22 мај 2025 година, девет земји членки на Советот на Европа повикаа на „испитување на начинот на кој Европскиот суд за човекови права го развил толкувањето на Европската конвенција за човекови права“ и, во име на својот суверенитет, го критикуваат „екстензивното“ толкување на пресудите на ЕСЧП, кое би ги спречило да ги остварат своите прерогативи во прашањата за миграциската политика. Затоа, тие се повикаа на својот „демократски мандат да започнат нов отворен разговор за толкувањето на конвенцијата…“
Самиот ризик од понижувачки третман може да биде доволен, критикува деканот на Правниот факултет на Универзитетот во Инсбрук и специјалист за европско право, Валтер Обвексер, особено цитирајќи две пресуди на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), кои датираат од 1996 и 2008 година, со кои се забранува протерување на Сик, обвинет за тероризам во Индија и осомничен како исламистички терорист во Тунис. Во однос на него, отвореното писмо потпишано од деветте земји од Европската Унија не е политички притисок, туку има цел да „ги поттикне државите да преземат чекори за да постигнат промена во судската пракса“.
– Повторното отворање на текстот на конвенцијата би било ризично, бидејќи другите земји би можеле да го искористат за да побараат понатамошни измени – признава тој.
Унгарија, која повеќе не применува многу пресуди на ЕСЧП и на Судот на правдата на ЕУ, би можела да има корист од тоа.
Од своја страна, Италијанецот Карло Фиданца повикува на измена на одредени членови од конвенцијата или на „јуриспрудентна работа што избегнува креативни толкувања“ во име на „рамнотежата помеѓу колективната безбедност и индивидуалните права“. Според него, „не може да има демократија во која законодавната власт му е систематски подредена на судството“. Овие забелешки се одраз на оние што се дадени на крајот од 2024 година од францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретајо, според кого владеењето на правото „не е ниту неповредливо ниту свето“.
– Членот 3, како и принципот на невраќање во случаи на ризик од тортура, е императивна норма на меѓународното право. Дали сакаме да го укинеме тоа право. Некои влади, засрамени од примената на основните права, се обидуваат да избегнат секаков надзор тврдејќи дека текстовите не се прекршени во нивниот случај – истакнува Франческа де Витор, истражувачка по меѓународно право на Католичкиот универзитет „Свето срце“ во Милано.
Критичен кон отвореното писмо потпишано од Рим и неговите сојузници против ЕСЧП, Триестино Мариниело, професор по меѓународно кривично право на Универзитетот „Џон Мурс“ во Ливерпул, верува дека секоја реформа „би значела демонтирање на европската архитектура на човекови права во светлината на зајакнувањето на национализмот и глобалното повлекување кон суверенитетот“. Според него, сведоци сме на „преиспитување на сите правни ограничувања, почнувајќи од правата на мигрантите, но со последици за сите“.
Која е користа од Европскиот суд за човекови права?
Иако не го потпишаа отвореното писмо, Франција, Германија и Обединетото Кралство во суштина се на иста страна. Европскиот суд за човекови права досега ја осуди Германија, меѓу другото, за „автоматско“ протерување странци, на кои дури и не им е дадена можност да бараат азил, право што во принцип го имаат сите луѓе во светот, според Европската конвенција за човекови права.
Дека Германија би можела да ја напушти Европската конвенција за човекови права ако не е можно да се реформира европскиот систем за азил потврди Јенс Шпан, еден од водечките конзервативни политичари во Германија, поранешен министер на канцеларката Ангела Меркел и сега лидер на групата ЦДУ (христијански демократи) – ЦСУ (конзервативци) во германскиот Бундестаг, во интервју за британскиот дневен весник „Тајмс“, на 10 декември минатата година,
– Сакаме да обезбедиме заштита, но и да имаме контрола и да можеме да одлучуваме кога, што и зошто – рече Шпан.
Тој нагласи дека верува оти другите европски земји се подготвени да соработуваат со Германија во решавањето на миграциската криза и за менување на законите за зајакнување на националниот суверенитет.
– Ако дојдете до заклучок, а ова е дебата што моментално се води во Велика Британија – дека овие работи не можат да се променат затоа што нема мнозинство за тоа, тогаш секако мора да го преиспитате вашето членство во Европскиот суд за човекови права – изјави Шпан за „Тајмс“ во тоа време, додавајќи дека „не е дадено од Бога да мора да бидеме член во сите овие работи. Среќни сме што сме членки, убедени мултилатералисти сме, но тоа мора да донесе некаква корист“.
Распаѓање на европскиот поредок?
Мигрантите се само изговор за распаѓање на основниот демократски принцип на три меѓусебно независни власти: судството, законодавната власт (парламентот) и извршната власт (владата). Советот на Европа го разбра тоа многу добро.
Иако останаа во рамките на политичката учтивост, највисоките функционери на Советот на Европа реагираа невообичаено остро на отвореното писмо од деветте држави.
– Ако институциите се потчинат на каприците на политиката, ризикуваме да ја ослабиме стабилноста што овие институции треба да ја гарантираат. Судот не смее да се користи како оружје – ниту против, ниту од владите – одговори Ален Берсе, генерален секретар на Советот на Европа и поранешен швајцарски министер за внатрешни работи, во соопштение за медиумите од 24 мај.
И Берсе и Теодорос Русопулос, претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, дознаа од весниците дека има отворено писмо од лидерите на деветте земји членки.
Фактот што лидерите на деветте држави не го упатија своето писмо до генералниот секретар на Советот на Европа, ниту до претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПАССЕ), ниту до претседателот на Европскиот суд за човекови права, сам по себе е политички чин.
Ако одлуките на Европскиот суд за човекови права станат „мртва буква“, бидејќи нема да бидат спроведени, Советот на Европа и неговите институции ќе бидат сведени на дипломатски брборечки простории. Тоа би ги отстранило сите правни пречки за повторно воспоставување тоталитарни држави на европскиот континент, а на тој начин би го завршило и распаѓањето на повоениот поредок во Европа.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
крај