Фото: Маја Јаневска Илиева

До крајот на мандатот сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн. Секој граѓанин ќе има дигитален идентитет, пристап до сите институции преку мобилен телефон. Ќе создадеме генерации со дигитални вештини, ученици кои ќе бидат конкуретни со своите врсници во Европа, ќе градиме систем на сајбербезбедност што ќе гарантира доверба во дигиталното општество, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој се обрати на Дигиталниот самит на Западен Балкан (WBDS) 2025, регионален настан кој ги обединува носителите на дигиталната трансформација од Западен Балкан, ЕУ и пошироко, а кој се одржува во Скопје.

Нашата цел е јасна, потенцира премиерот, а тоа е да станеме центар на дигитални трансформации во регионот, земја што ќе привлекува инвеститори и ќе задржува таленти.

-Но едно да не заборавиме, дигитализацијата не е за машини, таа е за луѓето, таа е за мајката кое сака побрзо да го запише своето дете во градинка, за пензионерот кој сака лесно да ја добие својата пензија, за студентот кој сака пристап до знаење и книги онлајн, за секој граѓанин кој ја чуствува државата како пријател а не како противник. Технологијата треба да служи на човекот а не обратно. Тоа е нашата цел. Нашата визија е држава која ќе биде целосно дигитална, транспаретна и ефикасна – рече Мицкоски.

Ја претставивме апликацијата Ем-услуги, таа е симбол на новата дигитална ера, сите документи на еден дигитален паричник, безбедна размена на податоци за рокови и обврски, целосна транспаретност и доверба. Ова е почеток на една дигитална револуција што ќе ја промени државата од корен. Дигитализацијата ќе ја промени Европа од корен, таа е нашата шанса да изградие поефикасна држава и поправедно општество.

-Иднината им припаѓа на оние што се подготвуваат за неа денес – рече Мицкоски, додавајќи дека со дигитализацијата ќе станеме конкуретни со останатите земји во Европа и со регионот.

Дигитализацијата, според премиерот, е нашиот начин да ја победиме инертноста и да ја претвориме земјата во вистински сервис на граѓаните, а со дигитализацијата ја рушиме нееднаквоста меѓу оние кои имаат пристап и оние кои се оставени на маргините.

– „Информацијата е новата нафта на 21 век,“ велеше Клаус Шваб, основач на Светскиот економски форум. Но, додека нафтата ги создаваше монополите, информацијата може да создаде еднаквост – доколку, се разбира, ја користиме правилно. Дигитализацијата е економска моќ. Таа отвора пазари, носи нови инвестиции и ја зголемува конкурентноста. Со дигитализацијата нашите мали компании добиваат можност да излезат на глобалната сцена – рече Мицкоски.

Потенцира дека денес живееме во време кога дигиталните решенија не се прашање на избор, туку на опстанок и на напредок.

-Западен Балкан не смее да биде заостанат агол на Европа. Нашата иднина е поврзаност, иновации и знаење – рече тој.

Дигитализацијата, интероперабилноста, сајбер безбедноста, поврзување на институциите, како и предизвиците на новото време, од вештачката интелигенција до учеството на бизнис секторот и академската задница се темите на кои денеска ќе разговараат учесниците на Дигиталниот самит на Западен Балкан (WBDS) 2025.

 

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски пред почетокот на Самитот истакна дека на едно место денеска во Скопје се собрани претставници на државите, економиите од целиот Западен Балкан, експерти, претставници на дипломатскиот кор, на бизнис заедницата на целиот регион и изрази надеж дека овој настан ќе ја зајакне поврзаноста меѓу државите.

-Се надевам дека овој настан ќе биде платформа за поврзување на сите овие држави, не само можност за дискусија, туку заедно сите да постигнеме успех. Во таа насока поттикнати од Регионалниот совет за соработка (РСС) работевме на заедничка декларација која ќе повика кон ЕУ и сите наши соседи да ја овозможиме иницијатива роаминг како дома, да ги намалиме трошоците за дата, трошоците за телефонски разговори и СМС пораки на граѓаните од регионот на Западен Балкан кон цела Европа, исто онака како што успеа ова иницијатива да го направи тука на Балканот, истото тоа да го рашириме и во цела Европа – рече Андоновски.

Министерот истакна дека се надева оти тоа ќе биде успешно прво како заедничка декларација, а потоа и заеднички сите држави од регионот да ги исполнат условите, кои се поставени од Европската комисија.

Генералниот секретар на РСС Амер Капетановиќ изрази задоволство што заедно со премиерот Христијан Мицкоски и министерот Андоновски ќе го отвори седмиот Дигитален самит, при што потсети дека првиот се одржал токму во Скопје во 2018 година и од тогаш до денес, како што рече, преземени се повеќе чекори за граѓаните од регионот, како што е зоната на слободен роаминг на Западен Балкан, како и намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан.

-Сега одиме понатаму да се постави нулта тарифа со ЕУ, што е голем исчекор во фазната интеграција со пазарот на ЕУ – истакна Капетановиќ и додаде дека крајната цел е поврзување на регионот со дигиталниот пазар на ЕУ.

Тој најви дека по овој Самит, следува Самитот на Берлинскиот процес во Лондон, на кој, како што напомена, ќе се усвојат важни документи и акциски планови, кои меѓу останатото се однесуваат на дигиталниот пазар на Западен Балкан, односно интеграција на дигиталниот пазар на регионот со тој на ЕУ.