Фото: Булмак 2016

Рудниците Злетово и Тораница во 2026/27 година ќе влезат во нов развоен циклус со амбициозна инвестициона програма која има за цел да ја зајакне рударската активност и да обезбеди стабилност за рудниците на долг рок. „Булмак 2016“, операторот што ги управува рудниците, најави јасна визија за иднината на рудниците која се фокусира на модернизација на производствените процеси, вложување во опрема и инфраструктура, како и усогласување на производствените процеси со највисоките современи стандарди.

Планот на менаџментот на „Булмак 2016“, велат оттаму, претставува одговор на очекувањата на локалното население рударството да остане двигател на локалниот развој, но и да работи одговорно кон луѓето и природата. Суштината на секој рудник се неговите резерви. Затоа првиот столб на инвестиционата програма на „Булмак 2016“ е насочен кон детални геолошки и рударски истражувања за утврдување на нови рудни резерви.

-Овие активности, кои веќе се во подготовка, треба да обезбедат поефикасно и поквалитетно искористување на рудните ресурси, како и нов импулс за локалниот развој. Заедно со мерките за заштита на животната средина и партнерството со заедниците, целта е Злетово и Тораница да продолжат да се развиваат како стабилни рударски центри со иднина. Инвестиции ќе ја отвораат следната развојна страница за рудниците Злетово и Тораница, тоа се серија капитални вложувања со цел обезбедување стабилно производство, модерна технологија и повисоки стандарди на одговорност кон заедницата – објаснува Тони Тоневски, директорот на „Булмак 2016“.

Во периодот од 2020 до 2024 година, тогашното раководство на рудниците Злетово и Тораница, како што објаснува, целосно го запоставило спроведувањето на геолошки истражувања и се потпирало единствено на претходно утврдените резерви. Не се определиле ниту површини за нови копови. Таквиот пристап довел до тоа во 2025 година да се појават пониски приноси на руда, бидејќи без навремено истражување не може да се обезбеди континуитет во ископот. Истражувањата во рударството секогаш се прават со временски хоризонт од неколку години, што значи дека денешните проблеми, како што велат од „Булмак 2016“, директно произлегуваат од пропустите во управувањето во претходниот период.

Токму затоа, планот за инвестиции за 2026/27 година уште во првата фаза предвидува отпочнување на детални геолошки истражувања во Злетово и Тораница, како и отворање на нови јами и бушотини. Новата интензивна програма, со воведување современи геофизички испитувања, треба да обезбеди нова рудна база и континуитет на производството за наредните децении, со што се коригира празнината оставена во изминатите години.

„Булмак 2016“ го насочува првиот и најважен дел од вложувањата во истражувања, затоа што тоа ќе обезбеди континуитетот на производството во наредните децении. Со тоа и компанијата, велат оттаму, покажува дека размислува долгорочно, со јасна стратегија за обезбедување рудна база за иднината“, потврдува директот Тоневски.

Изградбата на современо јаловиште во Тораница, кое ќе биде изведено според највисоките технички стандарди и во согласност со националните регулативи, е особено значајна заради безбедното управување со јаловината и намалувањето на ризиците за животната средина и локалните заедници.

Компанијата, објаснуваат оттаму, континуирано инвестира во набавка на нова рударска механизација и изградба на транспортни рампи кои ќе овозможат поефикасен и безбеден транспорт на рудата.

-Овие проекти не се само техничко прашање – тие се залог за повисока продуктивност и пониски оперативни трошоци, но и услов за современо, поефикасно и побезбедно рударство – дообјаснува Тоневски.

Изградбата на нови транспортни рампи ќе го олесни движењето на рудата од подземните хоризонти кон површината, ќе го намали времето на транспорт и ќе ја зголеми безбедноста на работниците.

Преку модернизацијата на флотациските постројки со нова технологија, како и со соработката со странските партнери специјализирани за вакви комплексни проекти, компанијата планира да го зголеми степенот на искористување на металите, што директно значи повисока додадена вредност и поголема конкурентност на меѓународниот пазар.

Со оваа инвестициона агенда, „Булмак 2016“ се позиционира како компанија која ја гледа иднината не само во рудното богатство, туку и во довербата – довербата на локалното население, институциите и пошироката јавност. Историјата покажува дека рудниците Злетово и Тораница отсекогаш биле двигатели на економскиот живот во Пробиштип и Крива Паланка. Денес, со оваа програма, „Булмак 2016“ се обидува да го потврди тоа наследство, но и да го прилагоди на новите услови и барања на современото рударство.

Со ваков план, компанијата ја покажува својата определба рударството да биде симбол на раст, сигурност и одговорност. А тоа е најдобриот начин Злетово и Тораница да продолжат да бидат препознатливи не само по својата историја, туку и по својата иднина.