ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ПАРАОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ

  • За време на неговиот престој кај нас, Парсонс вети поддршка за нашиот комитет, која очекуваме да се реализира во овој негов трет и последен мандат како претседател на ИПЦ, ни изјави Јовановски

На седницата на Генералното собрание на Меѓународниот параолимписки комитет (ИПЦ) во Сеул (Јужна Кореја), Бразилецот Ендру Парсонс беше реизбран за претседател на ИПЦ за трет (и последен) четиригодишен мандат. Парсонс доби 109 од 177 важечки гласа, пред противкандидатот Донг Хјун Бае од Јужна Кореја, кој доби 68 гласа. Со Парсонс, весникот „Нова Македонија“ направи специјално интервју во април годинава, кога тој ја посети Македонија и имаше средба со МПОК и со нејзиниот претседател Бранимир Јовановски, а ги посети и Министерството за спорт и Македонскиот олимписки комитет.
– Спортот е најмоќната алатка со која се менува начинот на размислување во правец кога луѓето со инвалидитет мислат дека нешто во спортот е невозможно, но всушност било возможно. Секако дека сакаме развој на лицата со инвалидитет во општеството, во образованието, но спортот го менува начинот на размислување на самата личност – рече тогаш во Скопје, Парсонс.
Овој исход, според Јовановски, е очекуван.
– Реизборот на Парсонс беше очекуван, меѓутоа и неговиот противкандидат од Јужна Кореја, според некои, имаше добри шанси. Парсонс во кампањата пред изборите ги посети државите од регионов, меѓу кои и Македонија. За време на неговиот престој кај нас, детално разговаравме за спортот на лицата со инвалидитет во нашата држава, како и за тоа каква поддршка имаме од институциите и каква би требало да имаме, за (не)пристапноста на спортските објекти и недоволно финансии за закуп на истите тие и ангажирање соодветен стручен кадар. Заклучоците од овие разговори ги дискутиравме и на приемот кај министерот за спорт Борко Ристовски. Министерот вети поголема грижа за вклученост на поголем број лица со инвалидитет во спортско-рекреативните активности, а претседателот Парсонс, исто така, вети поддршка за нашиот комитет, која очекуваме да се реализира во овој негов трет и последен мандат како претседател на ИПЦ – ни изјави Јовановски.


Стрелачите од петок ќе настапуваат на ЕП во Осиек

Во хрватскиот град Осиек вчера почна Европското првенство (ЕП) во парастрелаштво, со учество на 180 стрелци од 33 држави. На ЕП ќе настапат и македонски учесници. Предводени од тренерот Бранимир Јовановски и неговиот асистент Драган Дојчиновски, боите на Македонија ќе ги бранат Оливера Наковска-Бикова и Александар Јовановски. Наковска-Бикова ќе се натпреварува во три дисциплини, пукање од 10, 25 и од 50 метри со воздушен пиштол, а Јовановски од 10 и од 50 метри со воздушен пиштол. Тие ќе настапат и во дисциплината воздушен пиштол микс од 10 метри. Прва в петок ќе настапи Наковска-Бикова во дисциплина спорт пиштол од 25 м. Г.И.