Офицерки, војници и медицински персонал направија заедничка фотографија на настан по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жената во Ланжу, провинцијата Гансу, северозападна Кина, на 7 март 2025 година / Фото: VCG

Кина наскоро ќе биде домаќин на глобалниот самит на жени во Пекинг по повод 30-годишнината од Светската конференција за жени од 1995 година, соопшти портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи во понеделникот, пренесува Синхуа.

На редовен брифинг за медиумите, портпаролот Гуо Ѓиакун даде изјава на прашање поврзано со белата книга со наслов „Постигнувања на Кина во сеопфатниот развој на жените во новата ера“, објавена на 19 септември од Канцеларијата за информации на Државниот совет.

Гуо потсети дека пред 30 години Обединетите нации ја одржаа Четвртата светска конференција за жени во Пекинг. За да се одбележи таа конференција и да се поттикне спроведувањето на Пекиншката декларација и Платформата за акција, кинеската влада и ООН Жени (UN Women) пред една деценија заеднички го организираа Глобалниот самит на жени во седиштето на ОН во Њујорк.

Тој додаде дека пред пет години кинескиот претседател Си Џинпинг предложил да се свика нов Глобален самит на жени во 2025 година.

Според Гуо, од глобална перспектива остануваат само уште пет години за да се постигнат Целите за одржлив развој до 2030 година. Тој нагласи дека светските напори за унапредување на жените се соочуваат со сериозни предизвици, но и со значајни можности.

-Во промовирањето на родовата еднаквост и севкупниот развој на жените, Кина не е само застапник, туку и активен чинител – рече Гуо.

Тој истакна дека од 18-от Конгрес на Комунистичката партија на Кина наваму, развојот поврзан со жените во земјата доживеал процут, постигнувајќи историски успеси и сеопфатен напредок. Социјалистичкиот пат за развој на жените со кинески карактеристики, според него, покажува жива виталност и уникатни предности.

Белата книга, нагласи Гуо, има цел целосно да ги прикаже клучните достигнувања на Кина во спроведувањето на Пекиншката декларација и Платформата за акција, систематски да ги претстави концептите, принципите и иновативните практики за промовирање на родова еднаквост и сеопфатен развој на жените во новата ера, како и инспиративниот дух на кинеските жени – со што се придонесува со кинеска мудрост и искуство кон глобалната кауза за развој на жените.

-Кина е подготвена да соработува со земјите во светот за заеднички да го унапредиме новиот процес на сеопфатен развој на жените и да напишеме ново поглавје во глобалната кауза за развој на жените – рече Гуо.


Кина бележи значително зголемување на образовното ниво на жените

Кина вложи огромни напори за да обезбеди еднаков пристап на жените до образование од сите категории и нивоа, а правото на образование на жените е ефикасно загарантирано, се наведува во Белата книга објавена во петокот, пренесува Синхуа.

Според документот, со наслов „Постигнувања на Кина во сеопфатниот развој на жените во новата ера“, родовиот јаз во основното образование во голема мера е елиминиран.

Во 2024 година, девојчињата сочинувале 47,3 проценти од децата во градинките, а 46,98 проценти од учениците во деветгодишното задолжително образование. Белата книга нагласува дека нето-стапката на опфат со основно образование кај девојчињата на возраст за школување останува над 99,9 проценти.

Документот исто така истакнува дека е постигната приближна рамнотежа меѓу машките и женските студенти во високото образование.

Во 2024 година, студентките во високото образование изнесувале 50,76 проценти од вкупниот број, што е за 14,15 процентни поени повеќе отколку во 1995 година. Од нив, постдипломките сочинувале 50,01 проценти, што е зголемување од 22,43 процентни поени во однос на 1995 година.

Во 2020 година, просечната должина на школување кај жените на возраст од 15 години и повеќе достигнала 9,59 години, стои во белата книга.