Фото: Принтскрин

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за регрутирање на руски државјани за воена служба во периодот од октомври до декември 2025 година.

Документот е објавен на официјалниот портал каде што се објавуваат прописи и закони.

– Од 1 октомври до 31 декември 2025 година, да се изврши регрутирање на 135.000 граѓани на Руската Федерација на возраст меѓу 18 и 30 години кои не се во резерва и подлежат на (…) регрутација за воена служба – се наведува во документот.

Со истиот указ се наредува и отпуштање од воена служба на војници, морнари, водници и подофицери чиј рок на воена служба е истечен.

Руската влада, регионалните власти и комисиите за регрутирање се одговорни за обезбедување на спроведување на сите потребни мерки за регрутирање.

На федералните министри, раководителите на федералните служби и федералните агенции им е наредено да обезбедат регрутирање на руски државјани вработени во федералните министерства и други федерални извршни тела, како и организации подредени на надлежните федерални извршни тела, во воена служба.