Законот за трговија на зелените пазари ќе почне да се применува од први јануари 2019 година, но можно е да се донесат измени во многу скоро време ако се констатираат какви било недоследности или ако се потврдат укажувањата на пазарџиите, кои бараат негово одложување, рече вчера министерот за економија Крешник Бектеши. Тој најави дека неделава ќе има средба со Комората на пазарџии за да поразговара околу нивните забелешки и предлози што ги добил завчера. Измени на Законот се можни, но времето за да се реагира е прекратко, смета министерот, додавајќи дека две недели не се доволни за каква било интервенција.
– Не верувам дека измени ќе може да има овие две недели, зашто предлозите ќе мора да се достават до Собранието, а имајќи ја предвид неговата агенда, не верувам дека до крајот на декември ќе може да помине некој друг закон, особено не некој што не е во процедура. Но треба да биде јасно дека Законот е усвоен на почетокот од оваа година, по иницијатива на група пратеници, а Министерството за економија беше должно да ги донесе подзаконските акти. Комората на пазарџиите, која излезе со нови барања, е основана кон крајот на април 2018 година. Ние ги добивме нивните предлози и во текот на оваа недела ќе седнеме, ќе разговараме детално, ќе ги анализираме и во кратко време може да направиме измени и дополнувања на Законот.
Сепак, мора да се има предвид дека треба да почекаме и да видиме како ќе се спроведе новиот закон. Во моментот кога заедно со коморите ќе констатираме дека има недостатоци, секако, ќе направиме измени и дополнувања – објасни Бектеши.
Комората на трговци на зелени пазари завчера побара одложување на примената на законот поради, како што укажа, ненавремено донесени подзаконски акти и немање дефинирани услови за тоа како ќе изгледа лиценцата за вршење дејност. Е.Р.