Поради констатирани нерегуларности во работењето и непостапување по задолжение за отстранување на истите, Министерството за образование и наука информира дека е донесена одлука за привремено запирање на работата на приватната висока стручна школа – Факултет за бизнис економија во Скопје.
– Нерегуларностите се констатирани од страна на посебна комисија во рамки на МОН за вршење надзор над законитоста во работењето, а одлуката за времено запирање на работата на оваа приватна високообразовна установа е донесена и врз основа на мислење од страна на Одборот за акредитација на високото образование. На Факултетот за бизнис економија нема запишани нови студенти во академската 2025-2026 година. Кон веќе запишаните студенти, високообразовната установа ќе ги исполни обврските предвидени во Законот за високо образование со цел овозможување непречена понатамошна едукација, односно префрлање на други факултети – велат од МОН.
Нагласуваат дека почитувањето на законските прописи мора да биде основен принцип во работењето на сите образовни установи. Тоа, како што посочуваат, е единствениот начин да се обезбеди одржлив квалитет кон корисниците на образовните услуги.
– Во изминатите 15 месеци затворени се и 14 приватни научни институти, од кои дел поради неактивност, а дел поради неисполнување на условите за работа. МОН и во иднина неселективно ќе продолжи да ја контролира работата на образовните и научните установи и да презема соодветни мерки онаму каде ќе бидат констатирани отстапувања од правните норми – порачуваат од МОН.