Во Националната установа центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, во изложбениот салон, утре, во 20 часот ќе биде отворена ретроспективната изложба на слики „55 години ликовно творештво“ на реномираниот уметник Боро Арсовски-Бабата.

Боро Арсовски-Бабата е роден во 1952 година во с. Страцин. Основно и средно образование завршил во Куманово. Со сликарство се занимава од 1969 година како сликар наивец и наедно изработува скулптури во камен и керамика – теракота. Првпат изложува во 1971 година со ДЛУК од кога е и член на друштвото, со кое настапува на многубројни годишни изложби низ Југославија. Член е на УСУ-Галерија „Југославија“ – Белград. Од 1986 година членува во УСУ „Трета димензија“ – Белград. Учествувал на над 30 меѓународни ликовни колонии на наивна уметност во: Риека, Загреб, Петриња, Врбовец, Нови Винодолски – Хрватска, Сански Мост, Лукавац – Босна и Херцеговина, Врање, Светозарево – Србија, Требње – Словенија. Има учествувано на над 200 групни изложби и четири самостојни. Неговите дела се лицитирани на неколку аукции во Белград и Скопје, за кои имало најголем интерес, најдолго се лицитирани и најскапо продадени. Неговите слики се наоѓаат во многу галерии, музеи и приватни колекции низ светот. За творештвото на Арсовски се снимени два документарни филма. Боро Арсовски-Бабата живее и работи во Куманово, како самостоен сликар – наивец и сопственик е на уметничката галерија „Арт галери Арсовски“
За творештвото на Арсовски се произнесува и стручната уметничка фела на историчари на уметноста.
– Боро Арсовски слика композиции проткаени со етнографски елементи и македонски народен фолклор. Сцените ги конципира на специфични односи на хипертрофирање или атрофирање поединечни облици и ликови со снажни симболички значења. Посебност во неговото сликарство го чинат портретите, кои во натприродна големина ги вградува во зачудувачки сцени и ситуации – вака пишува Јурај Балдани од Риека.
– Сликите на Арсовски претставуваат иновација во наивната уметност, на кои се претставени занимливи варијанти со иреален свет – пишува Мирослава Бошковиќ од Светозарево.

Проектот е од национално значење во културата од годишната програма на национални установи за 2025 година поддржани од Министерството за култура и туризам.