Илустрација: „Нова Македонија“

Француската држава со години живее во континуирана организирана кампања против семејното насилство

  • Изјавата на жртвата на насилство пред надлежните уште во најрана фаза, доколку постои и најмала вербална нефизичка закана, системот во Франција ја процесира толку сериозно (се разбира, според нивното позитивно право и актуелните клаузули во законите) што насилникот уште во таква рана фаза може да биде лишен од слобода и притворен. Плус тоа, секоја постапка од овој домен се третира како итна и неодложна. Натаму, не помалку важно е дека „изјавата на жртвата се третира речиси како материјален доказ во кривичноправната процедура!“
  • Извонредниот пример на превентивно-репресивната процедура од областа на семејното насилство во Франција очигледно дава плод. Така, многу земји посистематски можат да го разгледаат и подлабоко да го анализираат ваквиот приод и да не лутаат со нефункционални размислувања и обиди за спречување на ова тешко негативно поведение, кое е во пораст и кај нас

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција

Франција навистина е земја со долга и длабока традиција во сите општествени сегменти. Функционалноста што е постигната за проблематични општествени појави и феномени навистина е за почит и треба да се издвои и да се следи како пример. Таков е случајот со феноменот на семејно насилство и фемицидот. Имено, она што е исклучително прогресивно во борбата на францускиот кривичноправен систем во борбата против криминалитетот е во сегментот на превенција (и репресија) на различните облици на семејното насилство.

Изјавата на жртвата се третира речиси како материјален доказ во кривичноправната процедура

Изјавата на жртвата на насилство пред надлежните уште во најрана фаза, доколку постои и најмала вербална нефизичка закана, системот во Франција ја процесира толку сериозно (се разбира, според нивното позитивно право и актуелните клаузули во законите) што насилникот уште во таква рана фаза може да биде лишен од слобода и притворен. Плус тоа, секоја постапка од овој домен се третира како итна и неодложна. Натаму, не помалку важно е дека „изјавата на жртвата се третира речиси како материјален доказ во кривичноправната процедура!“

Натаму, треба да се има предвид дека францускиот закон дозволува веднаш да се напушти брачниот дом во случаи на непосредна опасност. Имено, лицата во опасност можат да се јават на 3919 за да побараат бесплатен превоз со Убер. Доколку немаат каде на друго место да одат, можат да контактираат и со организации за поддршка на жртви со повик на 3919 или да ги искористат бесплатните хотелски сместувања за закани од потенцијално семејно насилство, а се разбира и доколку дојде до злоупотреба над брачниот партнер или партнерот од семејната заедница.

Некои гласни и перманентни совети на францускиот систем во врска со семејното насилство во кампањата од тековнава 2025 година

– Доверете се на доверливо лице (семејство, пријател, колега) и подгответе план за бегство;
– Заштитете ги вашите основни документи (лична карта, семеен евиденциски лист, банкарска картичка, медицински уверенија итн.);
– Соберете докази (снимки од екранот од закани, снимки, медицински уверенија, сведоштва);
– Јавете се на 3919 (насилство жена инфо, бесплатно и анонимно, 24/7), кој ги поддржува ранливите луѓе, оние во несигурни ситуации, жените со попреченост и оние што не зборуваат француски;
– Испратете СМС на 114, специјализирана услуга за поддршка формирана за да им помогне на жените злоупотребени од нивните партнери;
– Јавете се на 112 или 17, што ви овозможува да контактирате со полицијата во итен случај;
– Поднесете жалба до полициска станица или жандармерија (дури и без непосреден доказ!). Ако не сакате веднаш да поднесете жалба, можете исто така да поднесете жалба кога сакате подоцна;
– Веднаш ќе добиете наредба за заштита (од судијата на семејниот суд) за брзо отстранување на насилниот партнер;
– Побарајте и самите наредба за забрана за пристап и итно засолниште;
– Обезбедено ви е сместување во итен сместувачки капацитет: организации како што се 115, женски домови или специјализирани засолништа;
– Обезбедена ви е финансиска и правна помош: итен надоместок, социјална помош, поддршка од организации како што е ФНСФ (Национална федерација на женска солидарност);
– Поднесете барање за развод или разделба со помош на адвокат (имате на располагање можна правна помош ако ресурсите ви се мали);
– Добијте старателство над децата, кое генерално ѝ се доделува на мајката во случаи на докажано насилство.