Добри вести за луѓето што сакаат да имаат подобар квалитет на сонот и да го зголемат коефициентот на интелигенција – студија спроведена од Универзитетот во Пенсилванија вели дека риба во менито може да помогне. Тие исто така откриле дека децата што јадат риба барем еднаш неделно спијат подобро и имаат повисок коефициент на интелигенција за речиси пет поени. Општо е познато дека рибата е полна со омега-3 масни киселини – масти што носат голем број здравствени придобивки.
– На невроните им се потребни омега-3 масни киселини за правилна структура и функција на клеточните мембрани – објаснува неврологот Дон Вон, наведувајќи дека не е изненадувачки што недостигот од омега-3 масни киселини во исхраната води до когнитивни дефицити.
Додека претходните студии покажаа врска помеѓу консумирањето омега-3 и подобрената интелигенција, ниедна не воспостави врска помеѓу подобрениот сон, интелигенцијата и консумирањето риба. Сега, оваа студија, која вклучуваше 541 дете во Кина, речиси еднакво поделени помеѓу момчиња и девојчиња, ги поврзува овие наоди.
Истражувачите ја следеа потрошувачката на риба заедно со перформансите на децата на вербални и невербални тестови за вештини како што се вокабулар и кодирање, а родителите известија дека децата очигледно спиеле подобро.
– Сонот е неопходен за здравјето и функцијата на мозокот. Мозокот ги консолидира важните спомени, заборава бескорисни информации и продолжува да ги практикува вештините научени во текот на денот. Добриот сон е основа за високи перформанси во меморијата и решавањето проблеми – објаснува д-р Вон.
Истражувачите од тимот исто така забележаа дека лошиот сон често е придружен со антисоцијално однесување, лоша когниција и низа други проблеми.