Медитацијата е клучот до среќата – би рекле некои. Други пак не се согласуваат, но многумина сè уште ја практикуваат. Се верува дека медитацијата и патот до свесност и неподелено внимание се начин современиот човек да го смири умот и да се совлада себеси. Сепак, постојат некои сомнежи. Имено, постојат снимени докази, пронајдени во Индија, стари повеќе од 1.500 години. Како што е наведено, светото писмо за медитација Дхарматрата, напишано од будистичката заедница, опишува различни практики и вклучува извештаи за симптоми на депресија и анксиозност што можат да се појават по медитацијата. Исто така, ги детализира когнитивните абнормалности поврзани со епизоди на психоза, дисоцијација и деперсонализација. Сега, во последните осум години, има пораст на научните истражувања во оваа област, а студиите покажуваат дека несаканите ефекти не се невообичаени.
Студија од 2022 година, користејќи примерок од 953 луѓе во Соединетите Американски Држави што редовно медитирале, открила дека повеќе од десет проценти од учесниците доживеале несакани ефекти, кои имале значително негативно влијание врз нивниот секојдневен живот и траеле најмалку еден месец. Според преглед на повеќе од 40 години истражување објавено во 2020 година, најчестите несакани ефекти се анксиозност и депресија. Потоа следуваат психотични или делузивни симптоми, дисоцијација или деперсонализација и страв. Истражувањето исто така открило дека несаканите ефекти може да се појават кај луѓе без претходни проблеми со менталното здравје, како и кај оние што имале само умерена изложеност на медитација. Во 1976 година, Арнолд Лазарус, клучна фигура во движењето за когнитивно-бихејвиорална наука, рекол дека медитацијата, кога се користи неселективно, може да предизвика „сериозни психијатриски проблеми како што се депресија, агитација, па дури и шизофрена декомпензација“.
– Постојат докази дека внимателноста може да биде од корист за благосостојбата на луѓето. Проблемот е што тренерите, видеата, апликациите и книгите за медитација ретко ги предупредуваат луѓето за потенцијалните негативни ефекти – вели Мигел Фаријас, вонреден професор по експериментална психологија.
Професорот по менаџмент и ракоположен будистички учител Роналд Пурсер напиша во 2023 година дека медитацијата станала еден вид „капиталистичка духовност“. Само во САД медитацијата вреди 2,2 милијарди долари. Џон Кабат-Зин, клучна фигура зад движењето за внимателност, вели дека „90 проценти од истражувањата за позитивните ефекти се под просекот“, па дури и постои клиничка услуга во САД посветена на луѓе што доживеале акутни и долгорочни проблеми додека медитирале.