Образованиот процес во Дебар и Дебарско во повоените години (3

Фељтон за значењето на процесот на образованието и воспитувањето во Македонија

  • Населението во дебарска Жупа претежно се занимава со земјоделство (Долна Жупа) и печалбарство, а во Горна Жупа, покрај печалбарството, и со сточарство. Во дебарска Жупа (Горна и Долна Жупа) сѐ уште е задржано патријархалното затворено семејство, а тоа пред сѐ е одраз на социјално-економските состојби, на образовното ниво на семејството, социјалното потекло, образованието и занимањето на родителите, на материјалната состојба на семејството и слично. Во поголем дел од овие села, односот на семејството кон образованието е таков што се смета дека е доволно да се поседува основно образование, при што кај нив не е продлабочено сфаќањето дека децата треба и понатаму да се образоваат, особено женските деца

Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија

Цел на моето пишување на оваа тема е конкретно да презентирам некои педагошко-психолошки аспекти и последици од барањето на одредени родители нивните деца да учат на јазик што за нив е туѓ и непознат, и тоа од прво одделение, или барањето за учење албански наставен јазик од страна на родителите Македонци со исламска вероисповед во областа Долна Жупа, Дебарско. Поконкретно за децата-учениците што учат во централното осумгодишно училиште „Моша Пијаде“ во Центар Жупа (каде што работам како училиштен педагог). Дебарска Жупа се наоѓа источно од Дебар. Ова подрачје се дели на Долна и на Горна Жупа, со вкупен број од 6.115 жители и 982 домаќинства. Долна Жупа според податоците од пописот во 1991 година (статистика Дебар) ги опфаќа следните населени места: Горенци (318 жители/55 домаќинства), Броштица (769/146), Бајрамовци (248/40), Баланци (9/2 со бојкотиран попис), Голен Папрадник (1.044/144), Мал Папрадник (772/105), Житинани (429/70), Оџовци (332/35), Црноборци (49/8) и Центар Жупа (540/100). Може да се констатира дека Долна Жупа има вкупно 4.409 жители и вкупно 705 домаќинства. Говорен јазик на ова население е македонскиот, а во селото Баланци има семејства што говорат македонски и албански јазик.

Горна Жупа во 1991 година ги опфаќа следните населени места: Брештани (110/19), Долгаш (111/17), Елевци (201/32), Коџаџик (201/36), Новак (931/146) Ослоница (3/1) и Праленик (149/26). Може да се констатира дека во Горна Жупа има вкупно 1.706 жители и вкупно 277 домаќинства. Говорен јазик на овие населени места е турскиот.
Македонци со православна вероисповед денес има само во селото Горенци, додека во другите места на дебарска Жупа има само остатоци од цркви, гробови и од други православни обележја.

Фото: „Нова Македонија“

Населението во дебарска Жупа претежно се занимава со земјоделство (Долна Жупа) и печалбарство, а во Горна Жупа, покрај печалбарството, и со сточарство. Во дебарска Жупа (Горна и Долна Жупа) сѐ уште е задржано патријархалното затворено семејство, а тоа пред сѐ е одраз на социјално-економските состојби, на образовното ниво на семејството, социјалното потекло, образованието и занимањето на родителите, на материјалната состојба на семејството и слично. Во поголем дел од овие села, односот на семејството кон образованието е таков што се смета дека е доволно да се поседува основно образование, при што кај нив не е продлабочено сфаќањето дека децата треба и понатаму да се образоваат, особено женските деца. Ваквото сфаќање треба да се бара во религиозно-верското убедување дека женското дете нема потреба да се образова, дека местото му е дома, да готви, пере, чува добиток, да создава семејство и да биде послушно кон постарите. Истото тоа се однесува и на машките деца, зашто се смета дека на тој начин ќе бидат приврзани за куќата и ќе имаат корист од нив.
Сепак, за да се надмине сето ова, потребно е овие недоволно развиени краишта да се развиваат на економско-сточарски план и да се унапредува земјоделството. Со тоа ќе се овозможи побрз развој на образовен, културен план и ќе има можности за општ просперитет на младиот човек од овој регион.

Единствена перспектива на младите е да се описменат и да се дообразоваат со завршување на задолжителното осмогодишно училиште, а со отворањето на осумгодишното училиште во септември 1962 година тоа им е овозможено. При што со постепен развој се опфатени и подрачните училишта во населените места во Долна и во Горна Жупа. Во периодот на формирањето на училиштето биле вработени 26 работници со 352 ученици. За обележување е тоа што особено педагошко издигнување учениците добивале од просветните работници од Дебар и од други градови во Република Македонија, додека наставници од месното население воопшто и немало. Од тој период се незаборавни 12-те учителки што со својата работа и самопрегор придонеле за издигнување на учениците со знаење за нивна подобра натамошна перспектива. Денес во основното училиште „Моша Пијаде“ во Центар Жупа учат 1.244 ученици. На македонски наставен јазик учат 867 ученици, на албански наставен јазик 83 и на турски наставен јазик 377 ученици.

Во централното основно училиште (ЦОУ) „Моша Пијаде“-Центар Жупа, наставата од прво до осмо одделение се изведува на македонски наставен јазик за учениците од селата: Голем и Мал Папрадник, Оџовци, Бајрамовци, Житинани и Центар Жупа, а од прво до четврто одделение на македонски наставен јазик учат во селото Горенци, а од петто до осмо одделение учениците продолжуваат да учат во ЦОУ„Моша Пијаде“-Центар Жупа на македонски наставен јазик.

Во составот на ЦОУ „Моша Пијаде“-Центар Жупа работат подрачни паралелки од прво до осмо одделение во селото Броштица на македонски наставен јазик, додека на турски наставен јазик од прво до осмо одделение учат во селото Коџаџик, а од прво до четврто одделение во селата: Брештани, Праленик, Новак, Елевци и Долгаш, кои основното осумгодишно училиште го остваруваат во подрачните паралелки од петто до осмо одделение во селото Коџаџик.

Селата од кои децата основното образование го остваруваат на македонски и на албански наставен јазик во ЦОУ „Моша Пијаде“-Центар Жупа спаѓаат во областа Долна Жупа. Освен жителите во селото Баланци, населението од овие села е со исламска вероисповед, а говорен јазик му е македонскиот.

Селата чии деца основното образование го остваруваат на турски наставен јазик се во Горна Жупа со центар во селото Коџаџик. Жителите од овие села по националност се Турци и говорен јазик им е турскиот.

Како што истакнав, ЦОУ „Моша Пијаде“ во Центар Жупа располага со 19 училници, од кои три се адаптирани и опремени како училишни кабинети, со фискултурна сала, наставничка канцеларија, административни и други помошни простории. Просторните услови – опременост на училиштето со мебел и неопходни наставни и технички помагала. Кадровската екипираност овозможува во ЦОУ „Моша Пијаде“-Центар Жупа во педагошки услови да се изведува настава на македонски и на албански наставен јазик за учениците од селата на Долна Жупа.

Училишната зграда во селото Коџаџик, каде што наставата се изведува на турски наставен јазик, е изградена пред неколку години. Училиштето има шест училници, две помошни простории, кои се користат за чување наставни средства и учебни помагала, и една наставничка канцеларија. Просторните услови овозможуваат во две смени да се остварува осумгодишното образование на турски наставен јазик, на учениците од подрачните паралелки, во кои наставата се изведува од прво до четврто одделение на турски јазик.

продолжува

(извадок од книгата „Дебар и Дебарско низ историјата“ од Ѓорѓи Илиевски)