Фото: Доналд Трамп/Фејсбук профил

Нова идеја на претседателот Трамп за ставање крај на војната во Украина

Американскиот претседател Трамп истакна дека верува дека прекинот на купувањето руска нафта, во комбинација со воведувањето царини за Кина од 50 до 100 проценти, од страна на членките на НАТО и САД, ќе помогне да се стави крај на она што тој го нарече „смешна војна“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека е подготвен да воведе „големи санкции“ кон Москва ако членките на НАТО престанат да купуваат руска нафта. Во писмо до членките на Алијансата, кое го објави на својата платформа Трут (Truth Social), пренесува „Политико“.
– Подготвен сум да воведам големи санкции кон Русија кога сите земји членки на НАТО ќе се согласат и ќе почнат да го прават истото тоа и кога сите земји членки на НАТО ќе престанат да купуваат нафта од Русија – напиша Трамп.
Тој додаде дека купувањето нафта од страна на земјите членки на НАТО е „шокантно“, тврдејќи дека тоа „значително ја ослабува вашата преговарачка позиција и моќ за преговарање над Русија“.

Трамп истакна дека верува дека прекинот на купувањето руска нафта, во комбинација со воведувањето царини за Кина од 50 до 100 проценти, од страна на членките на НАТО и САД, ќе помогне да се стави крај на она што тој го нарече „смешна војна“.
Неколкумина европски лидери беа уверени дека го убедиле Трамп оти рускиот претседател Владимир Путин не е заинтересиран за завршување на војната и дека мора да биде принуден да седне на преговарачка маса, изјавија официјални лица и дипломати за „Политико“. Во серија дипломатски посети, лидерите разговарале за нови финансиски ограничувања и планови за прекин на протокот на руска енергија. Унгарија и Словачка особено остануваат длабоко зависни од руската нафта и гас. Р.С.