Токму медиумите ги претвораат спортистите во идоли. А идолите имаат моќ – тие стануваат пример за младите генерации. Младите почнуваат да ги следат нивните навики, нивните ставови, нивниот начин на живот. Еден добар спортист може да биде инспирација за дете да почне да тренира, да учи што значи дисциплина и упорност. Тоа го имавме како пример и кај нас. Кога Металург почна да создава силен тим и да игра во групите од Лигата на шампионите, тргна плејада млади деца да тренираат ракомет. Имаа идоли со кои се идентификуваа и сакаа да бидат како нив на терен, да работат, да бидат посветени… Продолжи кога Вардар стана двоен европски првак, кога во Скопје имавме многу познати светски ракометни имиња. Продолжи трендот да се биде ракометар.
Медиумите имаат задача да ги преточат овие искрени и позитивни приказни во содржина што ќе инспирира. Наместо само сензационализам или бројки, треба да ја пренесат суштината: спортот како начин на живот, спортот како пат кон ферплеј, спортот како модел за здраво општество. Но медиумите имаат задача и да ги пронајдат, да ги спречат сите негативни појави, да се дигне гласот на јавноста, на општеството за да се справиме со истите тие и веќе да не се повторат. Така, спортистите не се само индивидуални херои. Тие стануваат амбасадори на вредности што ја градат нашата заедница.
Имам богато и разновидно искуство во комуникацијата со јавноста поврзано со спортот. И морам да нагласам дека има незаменлива улога за промоција на државата. Затоа и треба на успесите во спортот да се гледа од аспект на национален интерес. Како професионален новинар и како некој што од другата страна работи со новинарите, јасно е дека сме амбасадори на македонскиот спорт, како и спортистите, тренерите и спортските работници.
Нашите спортски успеси – било во ракомет, кошарка или олимписки спортови – се момент кога светот нè гледа. Тогаш нашите бои, нашата химна и нашите вредности излегуваат на глобалната сцена. Но спортот не промовира само симболи. Тој промовира идентитет – начинот на кој играме, борбеноста, дисциплината, колективниот дух. Токму преку спортот можеме да ја раскажеме приказната за Македонија како земја на талент, труд и упорност. Стратегии за одржлив развој во време на дигитализација и глобални промени. Денес спортот не се развива само на терените туку и во дигиталниот свет. Новите генерации не гледаат секогаш цел натпревар – тие следат кратки видеа, анализи на социјални мрежи, преноси во живо на мобилен телефон.
Прво, дигитализацијата на медиумите – клубовите и федерациите мора да произведуваат сопствена содржина, да креираат модерни канали на комуникација со навивачите, со младиот аудиториум. Да се пренесуваат приказните, да се привлекуваат младите. Второ, инвестиции во инфраструктурата, но и во ресурсите – без современи сали и услови, спортот не може да напредува. Но тоа не се само арени туку и академии, тренинг-центри, па дури и едукативни програми за младите. Трето, образование на спортисти и тренери – новото време бара спортисти што не се само физички подготвени туку и медиумски писмени, дигитално присутни и свесни за својата улога како амбасадори на спортот. Истото е и со тренерите што треба да бидат педагози, втори родители што ќе ви дадат поддршка, ќе ве насочат. Четврто, јавни и приватни партнерства – спортот денес бара модели што ги вклучуваат и компаниите и државата. Успешните примери во светот покажуваат дека комбинирањето јавни инвестиции со корпоративна поддршка носи резултати. Повеќе вклучување на бизнисот, на компаниите што сакаат да помогнат.
Македонија мора да се постави како активен играч во тој процес. Имаме потенцијал, имаме традиција и имаме навивачи што живеат за спортот. Сега треба да изградиме систем што ќе го поддржи тоа. Спортот е многу повеќе од игра. Тој е огледало на нашето општество, алатка за промоција на државата, инспирација за младите и начин за обединување на луѓето. Медиумите имаат клучна улога во оваа приказна – тие се мостот меѓу спортистите и јавноста. Но исто така, тие се оние што можат да ја насочат енергијата на спортот во позитивна насока: ферплеј, дисциплина, идоли што инспирираат. Ако заеднички ја прифатиме оваа мисија – спортисти, медиуми, институции и бизнис-секторот – тогаш спортот ќе остане, не само игра на теренот туку и двигател на нашата иднина.
Горан Антевски
Текстот е од обраќањето на уредникот на порталот „24 Ракомет“, Горан Антевски, на регионалниот спортски самит „Скопје 2025“