Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николовски и министерот за здравство Азир Алиу, денеска, ја посетија ГОБ „8 Септември“ каде заедно со директорот на Градската општа болница, Синиша Стојаноски, извршија увид на градежните работи и реконструкцијата на оперативниот блок, Одделението за патологија и хистопатолошка дијагноза и Централната клиничка лабораторија.
Како што посочи директорот на ГОБ „8 Септември“ Стојаноски, Одделението за хистопатологија и патологија и Централната клиничка лабораторија се комплетно реконструирани и адаптирани, додека оперативниот блок кој брои седум хируршки сали и една шок-соба, се подготвуваат за внес на неопходната медицинска опрема која што ќе биде инсталирана.
– Два сегменти, од вкупно три планирани, се веќе комплетно реализирани, а тоа се Одделението за хистопатологија и патологија и Централната клиничка лабораторија. Градежните активности во сегментот на хируршките сали и КАРИЛ, односно шок-соба комплетно се средени од аспект на подготовка за внес на стерилните панели потребната опрема која што ќе биде инсталирана и после 40 години ќе имаме комплетно реновиран хируршки сегмет со седум оперативни сали и шок соба – рече Стојаноски.
Инвестицијата, како што посочи министерот за здравство Алиу, е вредна 12 милиони евра, а со неа се опфатени 750 метри квадратни површина на операциони сали и 500 метри квадратни лаборатории со најнова технологија. Добрата инфраструктура, добрите технологии и добриот кадар, рече Алиу, ќе придонесат кон здравство за кое државата тежнее, а тоа е европско здравство каде услугите ќе бидат дадени во реално време со квалитет и строги протоколи.
– Имаме инвестициски „бум“ во инфраструктура, технологија и човечки ресурси, затоа што ние веруваме дека со овие три столба – добра инфраструктура, добри технологии и добар кадар, ќе ги подобриме здравствените услуги на граѓаните. Денеска видовме инвестиција од 12 милиони евра, од кои 750 метри квадратни се операциони сали, од нив седум операциони сали, една роботска хирургија за првпат во нашата држава. Исто така имаме 500 метри квадратни лабаратории со најнови технологии и нов пристап којшто е самоодржлив и мониториран целовреме. Овој пристап ќе придонесе кон здравство кон кое тежнееме, а тоа е европско здравство каде услугите ќе бидат дадени во реално време и со квалитет со којшто е назначен со строги протоколи – рече Алиу.
Министерот за транспорт Николовски, пак, појасни дека проектот е во рамки на концесијата која што ја има добиено авиокомпанијата „ТАВ“ за двата аеродроми во земјава и дел од средствата, како што појасни, се користат за општествено корисни проекти.
– Ова е проект којшто го работиме во рамки на концесијата која што ја има добиено „ТАВ“ за двата аеродроми – скопскиот и охридскиот аеродром. Дел од средствата се користат за општествено корисни проекти и 12 милиони евра ќе бидат потрошени за целосна реконструкција на хируршкиот блок на блокот за патологија на блокот за биохемија исто така опремување по најмодерни стандарди, она што е значајно е тоа дека докторите ќе добијат добри услови за работи, а пациентите ќе добијат можеби најмодерна болница во целата држава – рече Николовски.
Премиерот Мицкоски упати благодарност до вработените во ГОБ „8 Септември“ и директорот Стојаноски, истакнувајќи дека од стотици милиони долгови сега болницата работи позитивно и во интерес на пациентите и здравствените работници.
– Очекувам до крајот на годината да биде отпочната и успешно завршена првата хируршка интервенција. Од ова што можам како динамика да го видам што се случува овде, би сакала да споменам уште еден факт којшто не го спомена директорот, можеби од што е скромен, а тоа е фактот дека од стотици милиони долгови сега болницата работи позитивно, односно работи во интерес на пациентите и задоволството на здравствените работници кои штио се тука – рече Мицкоски.