Јавниот увид во податоците од Избирачкиот список за Локалните избори 2025 завршува утре на полноќ, а два дена подоцна на 13 септември на полноќ завршува рокот за доствување на листите за кандидати за градоначалници и за советници. На 29 септември започнува изборната кампања за локалните избори закажани за 19 октомври. Ќе се гласа во 80 општини и Градот Скопје на 3480 избирачки места.
Граѓаните јавниот увид можат да го направат денеска до 20 часот во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, додека утре на 11 септември, последен ден од рокот, службите на Комисијата ќе работат до полноќ.
Граѓаните, барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во изводите на Избирачкиот список што е ставен на јавен увид ги поднесуваат писмено до подрачното одделение на ДИК или месната канцеларија на подрачјето на живеење, или по електронска пошта до ДИК. Исто така граѓаните тоа може да го направат и на електронската пошта за поднесување на барање за запишување, дополнување или бришење на податоците во Избирачкиот список – [email protected]. Со барањето се приложуваат и потребните докази, а обрасците можат да се пронајдат и на веб страната на ДИК (sec.mk).
Увид во Избирачкиот список им се овозможува и на затворениците. Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи од Избирачкиот список за време на јавниот увид, лицата во притвор или во затвор го поднесуваат преку органот надлежен за извршување на санкциите до ДИК, од 23 август до 11 септември.
ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужба, Управниот суд решава во рок од 24 часа и одлуката веднаш му ja доставува на тужителот по електронски пат. Правосилното решение на Управниот суд донесено по тужбата за запишување, промена и бришење е составен дел на потпишаниот Избирачки список од страна на ДИК.
ДИК го потпишува заклучениот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа, најдоцна на 3 октомври.
Барањето за доставување на Избирачкиот список политичките партии го доставуваат до ДИК по електронски пат, најдоцна на 11 септември.
ДИК во рок од три дена (најдоцна на 14 септември) од денот на завршување на јавниот увид, избирачкиот список го доставува до политичките партии кои доставиле барање до денот на завршување на јавниот увид.
Политичките партии во рок од пет дена од денот на приемот на избирачкиот список до ДИК (најдоцна на 19 септември) доставуваат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци.
ДИК по поднесеното барање одлучува со решение во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето, согласно Правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список.
Против решението на ДИК, политичката партија може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да одлучи во рок од 24 часа од денот на приемот на тужбата.