Декларацијата за фер, слободни и демократски избори што ја предлага претседателот на Собранието, а која ќе се најде на дневен ред на пленарната седница закажана за 12 овој месец, не е потпишана само од пратеничката група на „Левица“.
Претседателот на Собранието Африм Гаши е задоволен и се надева дека декларацијата ќе допре до секој пратеник за да има фер и демократски локални избори. Досега, како што вели, нема забелешки на Предлог-декларацијата.
– Како Собрание правиме се што можеме за да има политичка битка, а не инциденти. Изборите се најдобар индикатор за демократијата во едно општество. По толку години од независноста, срамота е да зброуваме за инциденти. Повикувам на фер и демократски избори и секој да си ја понесе одговорноста – рече Гаши на денешната средба со новинарите.
Покрај декларацијата, на пленарната седница на 12-ти овој месец, ќе се најдат и пратеничките прашања од опозицијата. Од страна на Собранието побарано е од Владата на седниците за пратенички прашања да присуствуваат министрите за да можат да одговорат. Како што вели Гаши, за ова разговарал и со премиерот Мицкоски кој се согласил со барањето посочувајќи дека тој како премиер со неговото присуство на седниците дава пример дека треба да присуствуваат и министрите.