Секој број на весник, секој примерок на списание останува трајно забележан. Се чува во библиотеките, архивите и домовите на читателите. Доволно е да се отвори архивата на „Нова Македонија“ и да се види целиот живот на државата и народот во последните осум децении. Секој ден, секој настан, секоја радост и трагедија остануваат документирани – не како виртуелна сенка, туку како опиплив доказ
Во времето кога дигитализацијата стана новата религија, кога секојдневието ни е врзано за екрани и информации што летаат со брзина на светлината, изгледа како печатените медиуми да се вишок. Се зборува дека весниците изумираат, дека печатот нема иднина и дека интернетот целосно го презеде приматот. Но дали е навистина така?
Разликата меѓу печатените и електронските медиуми е многу подлабока отколку што изгледа на прв поглед. Интернет-вестите навистина се побрзи, подостапни и динамични. Но тие се и минливи. Денес ќе прочитате наслов, утре ќе го заборавите, а за неколку години тој ќе исчезне во дигиталниот безимен простор. Архивите на електронските медиуми постојат, но тие зависат од сервери, од финансии, од одлука на сопствениците дали ќе продолжат да ги чуваат или едноставно ќе ги избришат.
Со печатените медиуми приказната е поинаква. Секој број на весник, секој примерок на списание останува трајно забележан. Се чува во библиотеките, архивите и домовите на читателите. Доволно е да се отвори архивата на „Нова Македонија“ и да се види целиот живот на државата и народот во последните осум децении. Секој ден, секој настан, секоја радост и трагедија остануваат документирани – не како виртуелна сенка, туку како опиплив доказ.
Затоа и велам: историјата е и ќе биде испишана само во печатените медиуми. Интернетот може да го пренесе моментот, но хартијата го чува за вечноста. Така било отсекогаш – од античките ракописи до модерните весници – документот на хартија е она што останува зад нас како сведоштво за идните генерации.
И покрај тоа што денес печатените медиуми се потценети и често се смета дека изумираат, нивната вистинска вредност не е во моменталната читаност или во брзината на вестите. Вредноста е во нивната историска тежина, во тоа што се незаменливи хроники на нашето постоење. Кога ќе се навратиме по педесет или сто години, ќе откриеме дека интернетот избледел, но пожолтените страници на весниците сè уште зборуваат.
И ако сакаме вистински да ја разбереме улогата на медиумите, мора да признаеме дека печатот не е реликт, туку најсигурниот чувар на нашата колективна меморија. Во свет во кој сè се менува со клик, хартијата останува како сведок што не може да се избрише.
Горан Анастасовски