Зошто некои можат да им одолеат на слатките, а други не

Што стои зад одлуката за грешење? Сите знаеме што е добро, во најопшта и универзална смисла, а сепак не секој работи според тие „насоки“. Честопати сме водени од импулси што се тешки за контролирање, но не и невозможни

Зошто некој не може да им одолее на слатките, а некој друг не може да му одолее на печеното месо, свежото тесто или на некоја капка пијалак повеќе? Постојат луѓе што се дисциплинирани, точни, прецизни и одмерени, а познаваме и такви што се апсолутно управувани од своите импулси и нагони.
За што станува збор? Како однесувањето на едните и другите е ограничено во психолошка смисла и што ги одредува стилот и моделот на дејствување? Истражувачите низ светот работат напорно за да ја откријат мистеријата што лежи зад значајните варијации во човековото однесување, обидувајќи се да ги разберат предизвикувачите и импулсите што даваат несвесна команда – да се направи нешто или не.
Истражувачкиот психолог Ричард Браун во интервју за списанието „Психологија денес“ објаснува дека одговорите на овие теми се многу сложени, а разновидна научна литература истражува голем број социјални детерминанти на човековото однесување, заедно со еволутивно разбирање на генетските маркери на зависност. Филозофските аргументи што ја оспоруваат идејата за слободна волја, дури и ја доведуваат во прашање човечката способност да прави избори во врска со здравјето и благосостојбата.

– Сите доживуваме нездрави импулси. Тоа не може да се оспори. Чувствуваме желба да јадеме нездрава храна, желба да гледаме премногу телевизија, желба да пушиме цигари или искушение да лежиме во кревет наместо да одиме на утринско трчање, во вежбалница… Често сме свесни што треба да правиме, па дури и сфаќаме дека тоа веројатно би направило да се чувствуваме подобро сега и во иднина. Но не правиме ништо од тоа. И покрај тоа, често го правиме спротивното и, за жал, подлегнуваме на нездрави импулси. Се среќаваме со нагони што се штетни за нашето здравје поради комбинацијата од психолошки фактори, последиците од нашето еволутивно наследство и социјалните и културните стимули што ги доживуваме. Со тоа што ќе ја истакнеме тенденцијата да се појават нездрави импулси, можеме да се запрашаме како се очекува од нас да ги надминеме нездравите импулси – истакнува Браун.
Тој исто така наведува дека е важно да станеме свесни за сопствените избори. Според него, едноставното препознавање дека нездравите импулси што ги доживуваме се минливи и не се својствени за тоа кои сме, може значително да ја намали моќта што ја имаат врз нас. Во основа, постои еволутивна причина зошто ни се случува нешто вакво.
Еволуцијата нè води во различни насоки.
– Претпоставката на Чарлс Дарвин дека видовите еволуираат со текот на времето преку процесот на природна селекција го отвори патот за разбирање на човековото однесување. На пример, хипотезата за еволутивно несовпаѓање тврди дека многу од нашите еволуирани тенденции во однесувањето не се вклопуваат добро во начинот на кој живееме денес. Тоа е така затоа што средините во кои се развивале нашите механизми на однесување и психологија биле многу различни од современиот свет во кој живееме. Во минатото нашите предци се соочувале со периоди на недостиг. Како резултат на тоа, луѓето развиле преференција кон висококалорична храна, како што се шеќер и масти, за да преживеат во предизвикувачки средини. Сепак, во денешниот свет богат со калории, оваа еволутивна адаптација може да доведе до дебелина и сродни болести. Слично на тоа, во опкружувањето на нашите предци, зачувувањето на енергијата преку престој во безбеден и заштитен простор била од суштинско значење за опстанок. Оваа адаптација им овозможила на нашите предци да заштедат енергија кога ресурсите биле оскудни. Меѓутоа, во модерната ера, каде што потребните ресурси се помалку оскудни, а седечкиот начин на живот е вообичаен, импулсот да се остане во кревет може да придонесе за недостиг од физичка активност и за низа здравствени проблеми – објаснува Браун.
Сепак, има моменти кога овие сознанија ги сведуваме на интелектуална рефлексија, а импулсот да се отфрлат на искуствено ниво станува премногу силен за да се надмине со тивка рефлексија.
– Сите мора да се соочиме со изборот помеѓу она што е правилно и она што е лесно. Треба да се следи вистинскиот пат. Способноста да се направи вистинскиот избор често се смета за поседување сила за да не го избереме она што е лесно. Наоѓањето сила за надминување на нездравите импулси може да се сведе на едноставно прашање за мотивација: Зошто треба да живеам здрав живот? Одговорот на ова може да биде различен за секој од нас, но за многумина тоа ќе биде желбата да имаат енергија за да го искористат максимално времето што го имаат со најблиските и да им послужат како пример на другите да го сторат истото тоа – заклучува психологот.

Мариота Влаисављевиќ

(Политика.рс)