Вештачката интелигенција ќе ја воведуваме во сите предмети и од наставникот ќе зависи колку и какви алатки ќе користи, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска по повод почетокот на новата учебна година. Министерката напомена дека почнуваат обуките за наставниците, кои од второто полугодие во секој предмет ќе ја применуваат вештачката интелигенција и ќе ги учат учениците за неа
Вештачката интелигенција навлегува во образовниот процес во Македонија
Македонија почнува со воведување на вештачката интелигенција во образовниот процес и со обука на наставниот кадар за нејзино користење во новата учебна година, со што го следи светскиот тренд во кој иновативната технологија се префрли од футуристички концепт во активен дел од училниците. Вештачката интелигенција се користи во сѐ повеќе држави низ светот преку адаптивни платформи за учење, за планирање на часовите, а се интегрира и за подобрување на резултатите од учењето, како и за олеснување на работата на наставниците.
Вештачката интелигенција ќе ја воведуваме во сите предмети и од наставникот ќе зависи колку и какви алатки ќе користи, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска по повод почетокот на новата учебна година. Министерката напомена дека почнуваат обуките за наставниците, кои од второто полугодие во секој предмет ќе ја применуваат вештачката интелигенција и ќе ги учат учениците за неа.
– Во моментов ќе се обучува репрезентативен примерок на наставници од едно училиште, по што овие наставници понатаму ќе треба да ја прошират мрежата за обучување на наставниците. Ќе ја воведуваме во сите предмети, а од наставникот ќе зависи колку и какви алатки ќе користи. Таа е предвидена за индивидуална настава на учениците и верувам дека наставниците ќе почнат да ја користат така, но откако претходно ќе ги образоваат учениците што се предностите, а што се негативностите од вештачката интелигенција. Значи, откако ќе се спроведат базичните информации и учениците ќе стекнат базични знаења, ќе продолжиме со постепено воведување на вештачката интелигенција во сите предмети – објасни Јаневска, додавајќи дека наставникот ќе треба да процени како и со кои ученици ќе работи.
Министерката посочи дека вештачката интелигенција веќе се употребува од страна на учениците, уверувајќи ги родителите дека процесот ќе биде контролиран. Поделените мислења околу користењето на ВИ се забележани и во технолошки напредни држави како САД, поради сѐ уште недоволната запознаеност со иновативната технологија.
– Би сакала да им порачам на родителите дека овој процес ќе биде строго контролиран и им благодарам на професорите од Факултетот за информатика на УГД, кои направија прекрасен прирачник, во кој се опишани и предностите, но и предизвиците со кои би можеле да се соочат наставниците и учениците. Секако многу од тој прирачник, кога станува збор за учениците, е посветено и на етичкиот момент. Значи, дали ќе го користат неправилно овој систем или правилно овој систем – рече Јаневска.
Земји како Кина, Јужна Кореја, Индија, Обединетите Арапски Емирати и Естонија ја интегрираат вештачката интелигенција во своите системи за основно и средно образование, преку задолжителни предмети, наставни програми фокусирани на вештачката интелигенција или преку национални програми за подобрување на дигиталната писменост. Други земји како Финска, Австралија и Јапонија, пак, се исто така активно вклучени во вештачката интелигенција во образованието, при што особено се истакнуваат поради нивните значајни напори за национална интеграција на оваа технологија.
Од Министерството за образование нагласија дека сѐ е подготвено за успешен почеток и за нормално одвивање на наставата во новата учебна година, што вчера почна за 245 илјади ученици, односно 177.800 основци и за 67.200 средношколци. Н.М.