Фото: Маја Јаневска-Илиева

Aнализата на АЕК покажа дека корисниците на постојните два оператора најмалку се задоволни од цената што ја плаќаат за услугата што им се нуди. Споредено со земјите од регионот, во моментов само Макeдонија и Албанија имаат по два оператора. Очекувањата се дека новиот оператор ќе понуди пониски цени за услугите во мобилната телефонија. Сепак, граѓаните се малку скептични за прашањето дали новиот мобилен оператор ќе донесе навистина пониски цени и дали тоа ќе резултира истовремено со подобри услуги

Наша граѓанска анкета во врска со трет мобилен оператор

Пониски цени и подобра услуга на пазарот на телефонските услуги за граѓаните очекуваат владините претставници откако стана јасно дека „ОНЕ Македонија телекомуникации“, фирма ќерка на унгарската телекомуникациска компанија „4иГ“ и официјално ќе почне да функционира на нашиот пазар.
Агенцијата за електронски комуникации на 19 јули го распиша тендерот за доделување радиофреквенции откако три оператори покажаа интерес за влез на нашиот пазар. Како што е веќе познато, интерес имаше од „Оне Македонија телекомуникации“, фирмата што унгарската „4иГ“ ја регистрираше во земјава, потоа од „Е и ППФ телеком груп“ – меѓународна телекомуникациска и инвестициска групација. Третата заинтересирана фирма беше „Бистрим мобајл“, македонска фирма за телекомуникациски и интернет-услуги, која, според претходно достапните информации, нема ниту еден вработен ниту какви било приходи.
Во согласност со објавите од АЕК, беа понудени три фреквенции со различен опфат, со почетна цена од 4,2 милиони евра за првата, 1,5 за втората и 2,3 милиони евра за третата фреквенција. Тоа значи дека, само за да почнат со давање услуги, на компаниите ќе им требаат сите три фреквенции, и за нив, „Оне Македонија телекомуникации“ ќе треба да плати најмалку осум милиони евра.

Со конкуренција до поприфатливи цени

Очекувањата се дека новиот оператор ќе понуди пониски цени за услугите во мобилната телефонија. Сепак, граѓаните се малку скептични за прашањето дали новиот мобилен оператор ќе донесе навистина пониски цени и дали тоа ќе резултира истовремено со подобри услуги. Голем дел од сонародниците со кои контактиравме, велат дека тешко оти нов оператор ќе може сам да ги смени состојбите, но од друга страна се надеваат дека ќе се случи тоа.
– Приказната за трет мобилен оператор е долга, но не очекувам дека нешто ќе се смени на подобро. Би сакала да е така, да донесе пониски цени, па да можеме послободно да разговараме со децата, наместо накратко колку да дознаеме како се – вели повозрасна жителка на Скопје.
Таа не е единствената што се сомнева во намалувањето на цените со влегувањето на нов оператор. Поголем дел од граѓаните што ги анкетиравме велат дека ретко нешто поевтинува, а би сакале навистина и реално опипливо да го почувствуваме тоа.
– Цените во последниве години одат само нагоре. Не поевтини ниту сезонското овошје и зеленчук, а не па телефонијата. Не верувам, мислам дека имаше и претходно обиди за трет оператор, но плановите се расипаа, не очекувам и кога ќе почне да функционира оваа нова компанија, цените значително да се намалат. Услугата е добра, не можам да се пожалам, но цените за нас се високи – вели Далибор Т., исто така од Скопје.
Aнализата на АЕК покажа дека корисниците на постојните два оператора најмалку се задоволни од цената што ја плаќаат за услугата што им се нуди. Споредено со земјите од регионот, во моментов само Макeдонија и Албанија имаат по два оператора.
Во земјава, во моментов има два мрежни мобилни оператора – „Т-Мобиле“ и „А1“ и четири виртуелни оператори: „Лајкамобил“, „Телекабел“, „Грин мобајл“ и „М-Тел“.
Сепак, „Т-Мобиле“ и „А1“ држат 96 отсто од пазарот на мобилна телефонија.
Во Македонија, до 2015 година имаше три мобилни оператори, но тогашните „Уан“ и ВИП се споија во една фирма „Уан.Вип“, која во 2019 се преименува во „А1 Македонија“. По спојувањето, АЕК им одзеде дел од фреквенциите, токму за да остави простор за евентуален влез на трет мобилен оператор.
Според министерот за транспорт и врски Александар Николоски, со влегувањето на трет оператор ќе се подобри конкуренцијата, што е здрава работа и оти очекува пониски цени во мобилната телефонија.
– Конкуренцијата е здрава работа и мора да има конкуренција. Јас во една прилика кажав, дали ќе влезе или не трет мобилен оператор во државава, еве влегува, зависи само од постојните два оператори. За жал, во овие година и нешто ништо не направија ниту да ги подобрат услугите ниту да ги намалат цените – рече Николоски.

Кој има најголем удел на пазарот?

Заклучно со првиот квартал од годинава, во државава се регистрирани 1.941.996 активни претплатници во мобилната телефонија, од кои најголем удел имаат двата мрежни оператора, „А1 Македонија“ (47,69 проценти) и „Македонски телеком“ (46,66 проценти).
Удел од 3,38 проценти има „М-ТЕЛ“, виртуелниот мобилен оператор што влезе на пазарот во октомври 2022, а 1,34 процент е на „Телекабел“.
На 18 октомври 2024, унгарската телекомуникациска компанија „4иГ“ објави дека формирала своја фирма во земјава, со што ја почна постапката да стане трет мобилен оператор, со цел да влезе што поскоро на телекомуникацискиот пазар во Македонија.
Деловниот опсег на „Оне Македонија телекомуникации“ опфаќа мобилни, фиксни и сателитски телекомуникациски услуги, трговија на големо и мало со телекомуникациски и ИТ-производи, како и деловни консултантски услуги. Според дел од македонските медиуми, компанијата е регистрирана на адресата на адвокатската канцеларија „Михајлоски и Поповска“. Е.Р.