Кавадарци доби лизгалиште. Градоначалникот Митко Јанчев денеска соопшти дека идејата била негова и на Општината, а е остварена во соработка со компаниите донатори „Црна Река Петрол” и „Кожувчанка”.
-Општината преку Сојузот на спортови организира бесплатно лизгање за учениците од сите основни и средни училишта за време на часови по физичко воспитување, во месеците декември, јануари и февруари. Чест и задоволство ми е кога ја гледам оваа еуфорија кај младите поради ова лизгалиште, со кое се доближуваме до поголемите градови – нагласи Јанчев.
Набавени се околу 300 лизгалки, а комерцијалното неограничено лизгање ќе чини 100 денари.
Тренерот од Хокејарската федерација, Стефан Децковски рече дека редовно ќе испраќаат тренер во Кавадарци, согласно потребите.
Задоволство од лизгалиштето изразија и учениците и наставниците по физичко образование.