Древната лоза на Дион и новото сонце на слободата (2)

Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на
„Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

Неговите женски придружнички, младите клодони и мималони, се жените посветени на древното учење во кое била и Олимпија. На фестивалите и јавните мистерии посветени на Дион, овие жени се движеле со меч во рацете. Пеонскиот Дион – Дијалос, многу често е претставен со жезол во десната и грозд во левата рака, опкружен од неговите женски придружнички и/или Силен, Пан и сатирите. Во светиот древен град Дион, Македонците ги одржале своите први Олимписки игри. Еврипид во македонскиот кралски двор напишал драма посветена на овие мистерии. Плутарх, а и другите древни автори ги опишуваат Дион и празникот Ксантика како нешто непознато за „хеленскиот свет“, односно ритуалите, верувањата и начинот на живот на Македонците биле целосно различни од оние на околниот „цивилизиран“ свет. „Граѓаните“ не можеле да го разберат, а камоли да го спознаат мистичниот бит кодиран во македонскиот ген, кој за волја на вистината опстојува и до ден-денес.
Многу древни автори пишувале за Дионис. Ретко кој денес споменува дека дедо му Кадмо е од Охрид. Дион е она што е Сканда Кумара далеку на исток, каде што Ѕе е Шива. Во египет Ѕе е Амон Ра, Дион е Озирис. Именуван како Бахус, дел од неговите карактеристики ги преземаат народите што ги славеле Атис и Адонис. Негово растение не е само лозата, според древните автори, поради него се трупале плодовите и на јаболката и смоквите. Тој е оној што ги „тера сите плодови да растат“. Негово растение е и бршленот. Покровител на облагородените дрвја, а многу често, како и татко му Ѕе, бил претставуван преку дабовото дрво. Алатите користени од нашите прадедовци при обработката на земјата водат корен од прастарите мистерии на Дион. „Последниот назначен од Ѕеус за цар на боговите“, од татко му ги добил царскиот трон и жезолот во раката. Од неговата крв пораснала и калинката. Фалусот на Дион во митовите несомнено има сличност со приказната за фалусот на Озирис. Срцето на Дион симболично се носело на местата каде што се верувало дека тој се раѓал. Неколку владетели во древноста биле растргнати на парчиња од следбеничките на Дион бидејќи сакале да го прекинат одржувањето на мистериите посветени на богот на лозата.

Во современата литература, древните архитекти на Дионис се споредуваат со учењето на слободните ѕидари. Сепак, разликата од човечкото постоење во архајската доба и денес ни дава за право да веруваме дека градителите во древноста создавале интелигентни градби, но и го граделе човештвото на начин преку кој и Александар го обединил – со знаење и јазик. За разлика од денес, кога „големите градители“ на материјални објекти, и покрај делумното познавање на дел од светите правила, ја уништуваат природата за да ги подигнат нивните „модерни“ градби. Истовремено, со уништување на природата се уништува и човечкиот дух, па веќе е сигурно дека денешната цивилизација забрзано се движи кон апсурдот на своето постоење. Во древноста, архитектите посветени на мистериите на Дион граделе со тајни белези на камењата и се разбирале со некојси „нивен, таен јазик“. Така денес, малку на број, но големи по дух Македонци ја градат подземната Македонија, која пред очите на луѓето ќе биде обзнанета со помош на небесната сила.
Во древна Македонија, Дион имал повеќе епитети, во зависност од споменувањето и регионот. Неговото двојно раѓање, од земја и небо, од мајка, па од татко, односно од две мајки – од матката на Семела, но и од бедрото на татко му Ѕеус – кое ја симболизира утробата, го претставува новото раѓање во светлина, кое може да дојде на секој што истото чисто и искрено ќе го побара.

Митовите за двојното раѓање и светот на титаните и боговите се приказни за човечката природа. Ирационалниот и рационалниот дел од нашето постоење во свет каде што сме растргнати од веќе застарениот начин на живот, а се бориме да го достигнеме потенцијалот што ни е даден за да го увидиме новото Сонце, кое е тука за сите нас. Тоа е поврзаноста на секој во кој живее древниот ген со кодот на природата, со небото, земјата и самите себе. Срцето на Дион преку четирите елементи е поставено во етерот, од каде што свети вечно. Додека телата и умот ни се обземени од она што нѐ убедија дека е ново, кое всушност веќе е застарено и не функционира, душата е она што ни ја враќа вистинската смисла на животот и ги обединува фрагментите од растргнатото човештво во човекот на новиот век – кој се раѓа одново. Незнаењето на новиот век предизвикува потрага по знаењето на предците. Древното знаење ја носи одново светлината во новата доба.

продолжува

м-р Никола  Ристевски

 

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)