Не е мое лично и субјективно мислење кога ќе кажам: „Сѐ повеќе сум убеден дека ќе влеземе во ЕУ – на Свети Никогаш…“. Рака на срце и чест на исклучоците, како што е хрватскиот претседател Милановиќ, кој како вистински објективен и принципиелен Европеец веќе двапати кажа јасно пред европската и светска јавност дека Брисел игра играчки со Македонија и дека тоа ниту е право ниту е правдина…
Ако навистина Македонија верувала и сѐ уште верува во ЕУ, тогаш искрен заемен однос би бил и ЕУ да верува во Македонија, дека оваа земја може во тоа семејство, со сите доблести и мани, кои се ниту поголеми, а ниту помали од оние на другите членки на Унијата
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски завчера на средбата со Герт Јан Копман, генералниот директор на Директоратот на Европската комисија за проширување и источно соседство, ја потврдил уште еднаш цврстата посветеност на Република Македонија кон евроинтеграцијата како еден од стратегиските приоритети во надворешната политика. Но дали и Европската Унија искажува цврста посветеност кон сопствените Копенхашки принципи за проширување и кон еднаков пристап кон сите земји кандидатки за влегување во „елитниот европски клуб“? Или ЕУ си посветува „цврста посветеност“ пред сѐ Украина, заради свои тесни интереси, да ја внесе во своите редови?! Иако Украина е во состојба на војна и има нерешено купишта проблеми и спорови со своите соседи (проблеми што во принцип треба да бидат решени, а потоа да може да „тропа“ на „европската порта“), но, според новокомпонираните растегливи критериуми на Брисел, тие не важат за Украина.
Нејсе, голема работа што Македонија веќе 20 години чека во „еврочекалницата“, важно е за Брисел да ја држи Македонија во ситуација на „цврста посветеност кон евроинтеграцијата“. На европските челници им е важно Македонија да пројавува „стопроцентна усогласеност со заедничката европска безбедносна и надворешна политика“, но ова многу наликува како на „стопроцентна послушност“ кон Брисел, иако има редица моменти кога е тоа на штета на македонските државно-национални интереси.
Не е мое лично и субјективно мислење, кога ќе кажам: „Сѐ повеќе сум убеден дека ќе влеземе во ЕУ – на Свети Никогаш…“. Рака на срце и чест на исклучоците, како што е хрватскиот претседател Милановиќ, кој како вистински објективен и принципиелен Европеец веќе двапати кажа јасно пред европската и светска јавност дека Брисел игра играчки со Македонија и дека тоа ниту е право ниту е правдина…
Ако навистина Македонија верувала и сѐ уште верува во ЕУ, тогаш искрено би било и ЕУ да верува дека Македонија може во тоа семејство, со сите доблести и мани што се ниту поголеми, а ниту помали од оние на другите членки на Унијата.
Европската Унија од поодамна се наоѓа на крстопат, во ситуација кога нејзините челници веќе не знаат кој е вистинскиот пат по кој треба да се движи оваа асоцијација на европски држави. Угледниот германски политиколог Волфганг Штрек во една колумна, објавена пред неколку месеци, ќе ја означи Европската унија како „Европски раскол“ (The European Disunion) и ќе дополни: „Европскиот раскол е на крстопат, ги губи последните можности да си го најде правиот пат и да остане одржлив политички ентитет. Се засилуваат внатрешните судири меѓу Северот и Југот (Германија и Италија), како и меѓу Западот и Истокот (Германија и Полска, Германија и Унгарија). Во исто време, политичките перформанси на ЕУ драматично се намалија“.
Политичките перформанси на ЕУ се толку намалени, што таа е веќе претворена во безначаен геополитички играч, од третата светска лига, кој може само да седи на клупата и да набљудува додека големите играчи – САД, Русија, Кина – го играат натпреварот меѓу себе. Посебно е за потсетување фактот дека наспроти оваа неолиберална политичка Европа, олицетворена во денешнава Европска Унија, стои како опозит, како спротивставеност, новата политичка Европа со суверенистички белези, која веќе е именувана како „Европа на суверените нации“. Потсетувам на еден момент од суштинско значење за македонската држава и македонскиот народ: лидерите на новата Европа на суверени нации ги респектираат поодделните национални идентитети и суверенитетите на државите на европскиот континент.
Сите овие моменти треба да се имаат предвид при „кроењето“ и спроведувањето на надворешната и евроинтеграциската политика на Република Македонија. Завчера универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски во своја колумна нагласи дека мора да изградиме стратегиски дипломатски алатки што ќе ни овозможат во меѓународните организации да се спротивставиме и да ги ублажиме геополитичкиот притисок и политичките последици по државата во моментов. Целосно се согласувам со овој негов став.
Се наметнува потребата македонската дипломатија да започне да говори уште погласно и да биде уште повидлива не само низ ходниците во официјален Брисел туку и низ светските меридијани, во различните меѓународни моменти. Потребни се чекорења не само кон оваа и ваква политичка Европа и Европска Унија туку и кон новата Европа на суверените нации, која е всушност зародокот на новата реформирана Европска Унија. Стратегиското партнерство со Унгарија – една од водечките држави на новата политичка Европа – е еден од тие чекори, кој веќе е направен, но потребни се многу поенергични и многу посодржајни контакти и поврзувања и со другите членки на Вишеградската група на држави (Полска, Чешка, Словачка и Унгарија), кои цели шест години постојано ја повикуваат ЕУ да ги исполни своите обврски кон Македонија. Обврски што ЕУ не ги исполнува, туку смислува и бара исполнување други обврски, кои немаат ама баш никаква врска со Копенхашките критериуми.
Во овој момент кога има големи превирања на светската политичка сцена, кога САД се зафатени со Украина и со Газа, кога ЕУ ги губи влијанието и политичката моќ, а се создава и суверенистички блок во самата Унија, Македонија треба да покаже зрелост на расудување, мудрост на дипломатијата и уште поголема проактивност во својата меѓународна и евроинтеграциска политика, за да продолжи неопходното и уште погласно и достоинствено артикулирање и заштита на своите македонски државни и национални интереси.
Македонскиот министер за надворешни работи Муцунски при својата дводневна работна посета на Брисел информира дека се започнати и подготовките за претстојното Генерално собрание на Обединетите нации, што традиционално се одржува во септември во Њујорк. Во контекстот на овие подготовки, тој имал средба со постојаната координаторка на ОН, Рита Колумбија. Потребно е токму низ ходниците на светската организација „тивко“ „титовската заклетва“ во евроверзија „ЕУ, ние ти се колнеме дека од твојот пат нема да скршнеме“ да почнеме да ја заменуваме со „ние сѐ ќе сториме да не скршнеме од својот македонски пат!“ Во Организацијата на Обединетите нации без задршка треба да се лобира кај светските дипломати за македонските интереси и за македонското прашање. Урсула фон дер Лајен, Каја Калас, Марта Кос, Антонио Кошта и другите претставници на „европскиот рај“ не можат и не смеат да бидат единствените соговорници во врска со перспективите на Република Македонија.
Свето Тоевски