O tempora, o mores!
Го читам професорот од „Сорбона“, Ремон Пикар, кој своевремено говореше за критиката на поезијата и прашува од каде ѝ е правото на уметничката поетска критика да суди за божествените увиди на поетот споменувајќи го познатиот спор меѓу Сартр и Волтер (Сартр, кој велеше дека поезијата мора да има своја општествена функционалност, на пример да ја поттикне идејата за феминизмот?!, додека Волтер страсно се бореше за ставот дека во тие општествени прозаичности естетиката, а особено поезијата, нема што да бара). Пикар понатаму вели: „Кога ми судеа за божествените увиди на мојата поетика и сакралното во неа, јас зедов меч (моето перо) да ги ставам нив на свое место, не за друго туку да им објаснам на моите студенти, идните поети и книжевници да тргнат по мојот пат“.
Реалноста, аналитичноста, функционализмот, психологизмот и модерноста (хаотичноста) во поезијата се надминати категории, таа во современите текови на живеење и новата свесност мора да има метафизички увиди, затоа што без нив таа останува функционална антиуметност заробена во материјалниот свет. А таму поезијата ја нема.
Поезијата, почитувани рационалисти и незналици, продолжува Пикар, е израз на воспоставување на една изгубена хармонија на човекот во животот, таа мора да ја овозможува пред сѐ духовната полнота или интегралната сушност на човековата егзистенција. Поезијата потекнува од еден априорен, не искуствен свет, доаѓа кај нас и го продуховува и хуманизира човековото искуство предизвикувајќи една трансцедентална возбуда, откривајќи ни ги хоризонтите на еден поубав и почовечен свет.
Во уметноста, а особено во поезијата, мора да одѕвонуваат питагорејските сфаќања за музиката како хармонија на сферите, како интеграција на човекот со универзумот, како хармонизација на нашиот дисхармоничен внатрешен свет. Во поезијата, ние растеме како свесност. Секоја рационалистичка и функционалистичка дискурзивност е убиство на поезијата и го најавува крајот на уметноста, затоа што од поезијата сме ја извадиле музиката (римата, ритамот, хармонијата, совршенството или клучната естетика) и сме добиле смртно дело, вели Пикар. Затоа што поезијата е и визија (Томас. С. Елиот) надвор од секакви конвенции. Поезијата стана банална и досадна, но како да излеземе од баналноста на глупоста? Елиот вели дека за да имаме вредно поетско дело мораме за миг да се одвоиме од животот. Но затоа мора индивидуално да ја развиваме сопствената уметничка култура. Во епохата на доминацијата на хаосот, поезијата е таа што мора да ја понуди повисоката хармонија. Поезијата нема и не смее да има интелектуална или емоционална природа. Таа е единствено поетско искуство што не е ниту едно од двете. Поезијата нема ниту свој психолошки осврт. Таа е контемплација во наоѓањето на една светлина внатре во нас и токму таа светлина неа ја образува. Поетското писмо е писмо на надиндивидуални доживелици, а не автопортрет на поетот и неговите лични фрустрации, на пример личниот судир со феминизмот. Вистинскиот уметник има стремеж кон надиндивидуалното. Во поезијата тој ја жртвува својата личност како ЕГО! На тоа впрочем ни укажуваше и Хајдегер кога запиша дека во поезијата мора да се отфрли сопствената автобиографија. Поезијата не ги сака емоциите како фрустрации, тука звучниот јазик ја губи музичката хармонија и изгледа како раштиманост (дисхармонија).
Емоциите во поезијата стануваат безлични или хистерични, непреводливи на естетско ниво. Поезијата мора да блика во силината на јазичните симболички слики. Поезијата е визија, и тоа симболичка и метафизичка визија. Како што е поезијата на Блаже Конески, или ренесансните Данте и Бокачо. Тука визуелната слика кулминира во својот естетско-поетски апогеј. Така, метафизичкото сфаќање на поезијата мора да биде пресудно, сѐ друго е невроза или фрустрација (Јунг).
Поезијата е слична на митот, затоа што светот на поезијата е светот на митот. Исто како и митот и поезијата зрачи постојано со нови слики и претстави, независно што таа е заклучена во себе, во својот внатрешен свет на ист начин како и митот, во кој колку повеќе се вдлабочуваме толку повеќе изнуркува од неа еден за нас нов и непознат свет. Поезијата не смее да доаѓа од нашата искуствена сфера, рационално не можеме да ја објасниме, таа постојано како да нѐ изненадува во откривањето на новите пластови на повисоките сфери. Поезијата, онаа вистинската, нѐ води во земјата сѐ уште ненагазена, таа е видовито слушање на највнатрешното, најмоќната трансцедентална сигурност меѓу земјата и небото. Поезијата е еден метафизички триумф како љубов и како болка. Органот со кој поезијата се восприема не е емоцијата, туку фантазијата како еден внатрешен вглед. Таа е апсолутно независна од надворешниот свет.
Традицијата во поезијата не можете да ја фатите на спање велеше акд. Старделов, во неа чука срцето на народот на новата свесност и од тоа колективно несвесно толку потресно и толку стварно, хармонично треба да дојдеме до најдлабокиот архетип на Бога, до сопственото светло, а токму тоа светло ја обликува поезијата. Поезијата, да, таа е светлечкото небо на еден вистински сон, сонот на човечката душа. Ова Шекспир многу добро го знаеше. Ете тоа се нарекува уметност! O tempora, o mores! О, смртни луѓе во времето! Поезијата мора да биде бесмртна идеја!
Мимоза Рајл