ОД ТВОРЕШТВОТО ЗА ДЕЦА НА МАКЕДОНСКИТЕ ПИСАТЕЛИ: ПАНДЕ МАНОЈЛОВ (1948- 2020)
Во вашата сакана рубрика преку која се запознавате со македонските писатели за деца и со нивното творештво денес ви го претставуваме и се потсетуваме на писателот Панде Манојлов. Роден е во битолското село Породин, на 2 мај 1948 година. Тој е поет, раскажувач, критичар и новинар. Студирал право во Загреб, а дипломирал на Правниот факултет во Скопје. Работниот век го поминал во редакцијата на „Битолски весник“. Манојлов во два мандата бил директор, главен и одговорен уредник на „Битолски весник“, а функцијата прв човек ја извршувал во периодот од 1982 до 1990 година.
Автор е на повеќе книги поезија за деца и за возрасни, меѓу кои од творештвото за деца ќе ги спомнеме „Срца, булки и снегулки“, „Песни за Никола и Дамјан“, „Сонувај добрина“, „Сонот на детството“…
Панде Манојлов во меморијата на светот на книжевноста веројатно ќе остане најзапаметен по песната за Палестина, која ја напишал во 1982 година, а била објавена на страниците на нашиот весник „Нова Македонија“. Песната била инспирирана од крвавите напади на палестинските логори „Сабра“ и „Шатила“ во Либан, во кои беа убиени и ранети илјадници луѓе во Палестина. Во август 2006 година, на радиото Монте Карло, во емисијата за арапски јазик, била прогласена за најубава странска песна посветена на Палестина. Во 2019 година во издание на „Матица македонска“ од Скопје е објавена книгата „Песни за Палестина“ од Панде Манојлов, кој во својот опус има 28 книги.
Тој беше член на Друштвото на писателите на Македонија и член на Македонското научно друштво од Битола. Добитник е на неколку значајни награди, меѓу кои „4 Ноември“ на Град Битола, „Ванчо Николески“, „Струшко слово“, „Ацо Шопов“ и признание од државата Палестина. Почина во ноември 2020 година. Во негова чест Пелагониските културно-научни средби во општината Новаци ја востановија наградата „Панде Манојлов“.
Подготвил: Ф.Д.
ПЛИВАЧ
Го испив Охридско Езеро сето,
во едно жешко
августовско лето,
да пливам тогаш не знаев јас,
не знаев да пливам, исто ко вас.
Шлапкав со раце,
со босите нозе,
во плиткото, до малечката
Розе,
кон дното постојано
со глава тонев,
се фалев дека така само риба гонев.
Пливањето не е никаква мода,
за да те гали, дете,
топлата вода,
треба само спокојно
и мирнода се преграби
езерото ширно.
РИБАРСКА СРЕЌА
Грабнал Дамјан еден стап,
ќе одел тој да лови крап,
на стапот врвца долга врза,
кон реката ита, силно брза.
На јадицата, горе на врвот
го закачил тој, да виси црвот,
измолкнал од земја пресен,
за крапот плен да биде лесен.
Денес Дамјан нема среќа
да наполни со риби вреќа,
награда нема за едно кленче,
нема златно ловорово венче.
(Од стихозбирката за деца „Сонувај добрина“,
ИК „Феникс“, Скопје,
2012 година)